strumica denes logo

Викарен Епископ Јаков Стобиски: Свети Јован Крстител!

Автор:

Датум:

јули 8, 2019

Категории:

Струмица

Автор:

Датум:

јули 8, 2019

Категории:

Струмица

Викарен Епископ Јаков Стобиски-Свети Јован Крстител

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Споменот на сите Светии на Црквата, односно денот кога ги празнуваме, е всушност, денот на кој се упокоиле или на кој пострадале маченички, или пак, денот на пренос на нивните свети мошти. А сето тоа е бидејќи ниедно човечко раѓање не е раѓање за спасение на светот, и не се одразува така врз целокупното човештво. Празнуваме само три такви рождества: Раѓањето Христово – Божик, Раѓањето на Пресвета Богородица и Раѓањето на свети Јован Претеча и Крстител. Тие три раѓања се тесно поврзани со Домостројот на спасението и со нашето лично спасение. Древните, катакомбни христијани во раѓањето, во родендените што денес еуфорично ги празнуваме и одбележуваме, не гледале ништо значајно. За ден на раѓање го сметале денот на својата смрт, денот на нивното претставување од овој свет. Така и Црквата ги празнува празниците на светителите: денот кога се упокоиле како нивен роденден, денот во кој се родиле за вечен живот. Целокупниот нивен подвиг бил да се подготват достојно за тој ден; можеме слободно да кажеме, за достојно да го одбележат и празнуваат тој ден.

Тоа го гледаме во житијата на многу свети луѓе. Еве, да ги спомнеме Старец Јосиф Спилеот и преподобен Гаврил Светогорец, кои се наши современици, но и сите други светители на кои Бог им го открил денот на нивното упокојување. Често нивните лица покажувале израз на радост, чекајќи го тој ден како што ние денес се подготвуваме за свадба или за роденденска забава. Старец Јосиф уште како мало дете облекол расо, ја зел бројаницата и седнал на столче да ја чека својата смрт како нешто радосно. Во ниту едно човечко раѓање во овој свет не можеме да видиме радост, освен во овие три свештени раѓања. Свети Игнатиј Брјанчанинов вели: Во овој свет на изгнанство, плач, трулеж и смрт не можеме да видиме и доживееме ништо убаво, затоа и првиот човечки здив започнува со плач. Тој плач треба да продолжи во континуитет до крајот на нашиот живот, со надеж во зборовите на Оној Кој рекол дека оние што плачат ќе се утешат (види: Матеј 5, 4).

Во денешното евангелско четиво (Матеј 6, 22–33) Христос ни вели: „Погледајте ги птиците небесни; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат“. Во ликот на свети Јован Крстител го гледаме токму тоа: како една безгрижна птица го поминал сиот свој живот, живеејќи само за Христос. Тој се родил во овој свет заради Христос и заминал од овој свет заради Христос, и не ја криел својата радост при секоја средба со Богочовекот Христос. Уште при првата средба негова со Христа, додека бил во утробата на Елисавета, кога се среќаваат Богородица и Елисавета, Елисавета вели: „Радосно заигра младенецот во мојата утроба“ (Лука 1, 44).

А што значи тоа: „Ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно?“ (Матеј 6, 23). Ако умот наш не е просветлен, тогаш целиот наш човек пребива во темнина. Ако суштината на нашиот ум не биде светла и не се просветли, ние ништо не можеме да видиме, ниту пак, правилно да расудуваме. Оној што најнапред не го бара Царството Небесно, неговиот ум не може да се просветли. Затоа Исусовата молитва е единствената молитва што е безбедна од прелест, во која не можеме да се излажеме никогаш и да бараме нешто друго освен Царство Небесно. Аскетскиот напор да се сосредоточи нашето духовно око – умот во зборовите на молитвата Господи Исусе Христе, помилуј ме е совршено исполнување на денешните евангелски зборови: „Барајте го најнапред Царството Божјо, и сè ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33).

Ништо не бараме освен Него, освен заедницата со Него, а заедницата со Богочовекот Христос е Царството Небесно. Оти, рајот не е некаква географска положба, туку љубовна заедница со Бог. Таму каде што сум Јас ќе бидат и оние што ги љубам, и оние што Ме љубат Мене (види: Јован 17, 24), оти нема место каде што Бог не е присутен. Дури и пеколот не е „место“ што е далеку од Бог и во кое Тој не е присутен. Слушнете што вели пророк Давид во Псалмите: „Ќе слезам ли во пеколот, Ти си и тука“ (Псал. 138, 8). Пеколот е душевна состојба на оној што не Го чувствува и не Го гледа Бог, пред сè, во своето срце. А како да Го види Бог оној чие око (умот) е нечисто и затемнето?

„И така, ако светлината што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (Матеј 6, 23). Има само еден одговор на ова реторичко Христово прашање. Таа темнина е пекол, ад, вечна смрт, вечна темнина. За свети Јован Крстител целиот живот на земјата бил рај и Царство Небесно. И кога пребивал во адот тој зборувал за Христа. Знаете што ни вели Преданието на Црквата и учењето на Светите отци – дека вратите на рајот ни се отвораат со Воскресението Христово. Христос по Својата смрт на Крстот слегол во адот, а свети Јован Крстител по својата маченичка смрт, велат Светите отци, отишол во адот како Претеча Христов, за и таму да Го проповеда. Е сега, дали некој мисли дека свети Јован во адот пребивал во темнина и мака? Тоа не е можно! Тој во адот не чувствувал никаква мака, за разлика од грешниците, бидејќи целиот бил исполнет со Христа, зборувал за Христа, сведочел за Него. И, како што бил мала светлина што ја навестила големата светлина на светот – Богочовекот Христос, пред самото доаѓање Христово, со своето присуство во адот ја навестил Светлината што доаѓала да ја разурне темнината на адот.

Не може ниту пеколот, ниту темнината, ниту овој свет да го затскријат и да го затемнат оној чиј ум е светол и чист, просветлен од несоздадените енергии Божји, и чие срце го исполнил Христос. Ништо што е чисто не може да биде осквернето од овој свет, но чистото и светото може да го освети она што е осквернето и темно. Знаете ли што правиме со светата вода кога ќе ја потрошиме? Додаваме обична вода. Две-три капки света вода ја осветуваат обичната вода, а не обратно. Исто така, свеќникот со којшто чекорат прислужителите пред Евангелието на Малиот вход на Литургијата го иконизира свети Јован Крстител. Мала светлина, која предвестува и зборува за суштинската светлина, за Воплотеното Слово Божјо.

Истото се случува и во нашиот живот: првата благодат, првата светлина што ни се дава, ни се дава за да го оствариме ова за што денес ни зборува Евангелието – да се просветли суштината на нашиот ум. Таа не е постојана светлина што ќе светли непрестајно, и не е наша. Напротив, втората светлина, што доаѓа по неа, кога се просветлува суштината на нашиот ум, е непрестајна и таа е сигурна. И таа нема да нè остави во темнина во вечни векови, затоа што е сигурна гаранција за нашата заедница со Христос – за тоа дека сме Христови и дека Христос е наш. Но, првата светлина што ја просветлува енергијата на умот нè води кон втората светлина само доколку ја искористиме за да ги видиме своите слабости и своите гревови. Ако ја искористиме, ќе можеме да полетаме. Тоа го видов сега, кога патував; видов параглајдеристи кои, за да полетаат, т.е. за да се одлепат од земјата, го користат поволното струење на ветрот, но и сите нивни телесни сили, со крајна будност и внимателност, поради тоа што и најмалото невнимание може да биде опасно по живот.

Не можеш да леташ на тој прв ветар, на само неколку педи од земјата, и да се однесуваш како да си се вивнал на безбедна височина. Првите карпи ќе те здробат. Но, кога човекот ќе се издигне доволно високо, тогаш може да ужива во глетката и во тоа што го сака. А ние, сѐ уште небезбедни, со првата светлина што ни ја дал Бог, наместо сите сили на душата да ги насочиме во борба со стариот човек, во борба против гордоста, суетата, и во крајна будност над себеси, ние „бдееме“ над туѓите животи, исправаме криви дрини, што би рекол народот. Се занимаваме со политика, се занимаваме кој што рекол, кој што направил. Немаме љубов еден кон друг, ниту ние што живееме во Црквата, а се гледаме на секоја Света Литургија.

Многупати се дрзнуваат луѓето и пред мене да озборуваат други луѓе кои се во Црквата: вакви биле, такви биле, не сум ги знаел доволно, во Црквата доаѓале само за да ги видат, на служба биле едни, а потоа правеле друго. Што е тоа твоја работа, помрачен човеку, како јас да не знам, како мене Бог да не ми открива кој е и каков е!? Тоа е тој демонски менталитет на горд, затемнет и расеан ум, кој се занимава со сѐ и сешто, и секаде продира, само не во срцето, оти таму нема пристап; и сѐ друго следи, само не зборовите на молитвата. Ништо нема да направиме ако доаѓаме и стоиме на секоја Света Литургија, а се однесуваме и живееме на овој начин. Само ќе нѐ болат нозете од стоењето. Подобро ќе било за нас да не сме се родиле во овој свет ако нашата смрт не стане слична со смртта на сите овие Божји луѓе, за која ви зборував на почетокот.

Видете го животот на свети Јован Крстител, не треба никој да ви зборува и проповеда ништо. Доволно е да го читате Евангелието и да ги читате житијата на светителите. Не ви треба никој да ви го толкува Евангелието – житијата на светителите се толкувања на Евангелието, оти тие Евангелието го реализирале во својот живот. Видете го животот на свети Јован Крстител од самото негово раѓање. Тој, уште затворен во мајчината утроба, се протегнувал да Го досегне и да Го допре Христос. Ни утробата на Елисавета не можела да го задржи внатре, кога дошла Богородица со Христос во Нејзината пречиста утроба. Гледете како се изразила мајка му: „Заигра младенецот во мојата утроба“. И целиот негов живот кога излегол од утробата бил двиг кон Христос.

Ние, денес, читаме: „Погледајте ги птиците небесни; тие ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат“, а сѐ имаат. Јас ви велам: погледнете го свети Јован Крстител, облечен во облека од камилски влакна, живеел слободен како птица во пустината, немајќи ништо од добрата на овој свет. Но, Оној што држи сѐ и управува со сѐ, кога го видел, рекол: „Меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител“ (Матеј 11, 11). Сите ние сме скапоцени во Божјите очи, но за да бидеме големи во Божјите очи мора да се издигнеме над сето ова што е на земјата, за коешто сме се залепиле и острастиле, и се држиме како слепци за стап. Сѐ додека сме залепени за земјата, мали сме и во очите на просветлените и свети луѓе, а камоли во очите Божји. Нема смисла овој живот ако поминува и се живее без Христос. Ништо потажно од тоа нема.

И, ве молам, немојте да ме доживувате строго. Неодамна ми кажаа дека некогаш премногу строго звучам кога зборувам. Тоа не е злонамерно. Секогаш зборувам од татковска перспектива, и од сето она што гледам дека не е добро и што не ве води кон Христос. Не сум отец, и не сум вистински пастир на Црквата, ако секогаш кажувам нешта кои ќе ви ги галат ушите од типот: не се грижи, сѐ е во ред и сѐ ќе биде во ред. Не е во ред, и нема да биде во ред, ако не го промениме својот живот. Подобро е да ме благословувате во оној миг кога ќе дојде смртта, отколку да ме колнете поради тоа што сум бил благ и фин, а тоа ништо не ви послужило за вашето спасение.

Оставете сѐ што е земно, оставете ги озборувањата, оставете ги безначајностите овосветски. Ништо освен Христос нема смисла.

По молитвите на свети Јован Претеча и Крстител, и на Пресвета Богородица, Господ да нѐ просветли и да нѐ вразуми сите, и да нѐ удостои барем малку нашиот живот да заличи на животот на свети Јован Крстител.