(ВИДЕО) НАЈНОВО ОТКРИТИЕ: ПРОНАЈДЕНИ ОГРОМНИ КОЛИЧЕСТВА ВОДА НА МАРС!

декември 22, 2021

На планетата Марс се откриени огромни количества вода, во предел кој наликува на Големиот Кањон на Земјата. Научниците велат дека ова е неверојатно откритие какво што не очекувале. Новото откритие се должи орбитерот Марс Експрес, кој орбитира околу Марс, објави Европската вселенска агенција (ЕСА).

Орбитерот Марс Експрес беше лансиран во 2016 година во заедничка мисија на ЕСА и руската вселенска агенција Роскосмос. Тој откри вода во долината Маринерис, кањон кој е десет пати подолг, пет пати подлабок и 20 пати поширок од Големиот кањон на реката Колорадо, во американската држава Аризона. Водата се наоѓа под површината на системот на кањонот, а откриена е со инструмент наречен FREND (Fine-Resolution Epithermal Neutron Detector), пренесе Си-ен-ен. Овој инструмент го мери нивото на водород во првиот метар од површината на Марс.

Она што е интересно е дека поголемиот дел од водата на Марс е во форма на мраз во поларните региони. Долината се наоѓа малку јужно од екваторот на планетата, каде што температурите обично не се доволно ниски за водата да остане замрзната.

Откритието доаѓа од набљудувањата собрани од орбитерот помеѓу мај 2018 и февруари 2021 година. Пред тоа, орбитерот бараше вода под површината на Марс и таму најде само мали количини. Студијата со детали за новото откритие беше објавена пред неколку дена во научното списание.

„Со помош на орбитери можеме да провериме што се случува до еден метар под површината на Марс. Најважно е што можеме да лоцираме оази богати со вода што не можевме да ги откриеме со претходните инструменти“, вели автор на студијата Игор Митрофанов, водечки истражувач на неутронскиот телескоп FREND.

„FREND откри област со невообичаено голема количина на водород во огромниот систем на кањонот Валес Маринерис. Претпоставувајќи дека водородот што го гледаме е врзан за молекулите на водата, околу 40% од материјалот веднаш под површината изгледа дека е вода“, додаде тој и откри дека површината на кањонот е колку Холандија.

Инструментот FREND детектира неутрони за да го мапира процентот на водород во почвата на Марс.

„Можеме да кажеме колку вода има во земјата кога ќе ја погледнеме количината на неутрони што ги испушта“, вели ко-авторот на студијата Алексеј Малаков, научник од Институтот за вселенски истражувања при Руската академија на науките.

Имено, неутроните се создаваат кога честичките со висока енергија, попознати како галактички космички зраци, ќе стигнат до површината на Марс. Сувата почва испушта повеќе неутрони отколку влажна, објасни Малаков.

„Откривме дека централниот дел на долината Валес Маринерис е полн со вода. Тоа е многу повеќе вода отколку што очекувавме. Во тие региони, водениот мраз постојано се чува под сувата земја, бидејќи температурите се постојано ниски.

Поради уникатните способности на детекторот FREND, научниците успеаја да откријат вода која претходно била скриена. Тоа може да биде воден мраз или вода што се наоѓа во соединенија со минерали во почвата. Но, научниците веруваат дека присуството на мраз е поверојатно бидејќи минералите на локацијата содржат малку вода.

Во близина на екваторот на Марс, температурите се малку повисоки и затоа научниците веруваат дека постои специфична комбинација на услови кои овозможуваат не само постојано присуство на вода во областа, туку и нејзино обновување.

„Ова откритие е неверојатен прв чекор, но потребни се повеќе набљудувања за да се увериме во каква форма е водата што ја откривме .Ова јасно ги демонстрира способностите на орбитирачките инструменти кои ни овозможуваат да гледаме под површината на Марс. Тој откри голем резервоар со вода во овој регион на Марс, кој не е премногу длабок и може релативно лесно да се искористи“, вели Хакан Сведем, друг коавтор на студијата.

Откритието во долината Валес Маринерис фрла нова светлина врз регионот како интригантна локација за можни човечки мисии во годините што доаѓаат, особено во светлината на фактот дека откриената вода може да биде многу подостапна од претходно откриените извори на вода, пишува Си-ен-ен.

„Информациите за тоа каде се наоѓа водата на Марс се клучни за разбирање што се случило со водата што некогаш изобилувала на Марс, но исто така ни помагаат да најдеме локации погодни за живеење, можни знаци на живот што некогаш постоеле на Марс и органски материјали од минатото, рече Колин Вилсон, научник кој работи на проектот.

 

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ