Туризмот во земјава со постојан раст, лани меѓу првите 10 во светот со зголемен девизен прилив

август 26, 2023

Туризмот во земјава со постојан раст, лани меѓу првите 10 во светот со зголемен девизен прилив

Последните две години го рангираа македонскиот туристички сектор на многу високи места според Светската туристичка организација. Во 2019 година земјава со раст од повеќе од 25 проценти на бројот на ноќевањата беше втора во Европа, во 2021 година и покрај пандемијата бевме петти во светот според растот на странските туристи, а во 2022 година во првите 10 според девизниот прилив и туристичкиот промет во туристичката индустрија.

-Тековната 2023 година го покажа своето дијаметрално различно лице во туризмот, односни имаме пазари во кои бевме во минус и се уште сме во минус поради субјективни и објективни причини и пазари кои дадоа дополнителен скок и веќе се надминати резултатите од 2019 година. Сега по многу нешта 2019 година веќе не е референтна во туристичката индустрија, бидејќи туристичките текови и случувањата во туризмот веќе ги надминуваат очекувањата на најоптимистичките стручњаци и експерти на ова поле, порачува директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

АППТ според стратешкото планирање за годинава очекува да има девизен прилив од туризмот во износ од 530 милиони долари.

-Со првиот квартал од годинава во споредба со 2019 година имаме раст од 41 процент, а во споредба со 2022 година која е рекордна во македонскиот туристички сектор по туристичкиот промет од 481 милион долари веќе во првиот квартал од 2023 година има промет од 94 милиони долари или 19 проценти повеќе отколку во истиот период лани. Очекувам, и веќе според состојбите на теренот и соработката со туристичките работници, коморите, советот на Агенцијата за туризам, плановите и исполнетоста на капацитетите од над 90 до 95 проценти во нашите туристички места, сум сигурен дека ќе имаат подем и поголем развој двата најголеми туристички региони – Охридскиот и Скопскиот регион како туристички и бизнис центар во текот на 12 месеци, вели Јаневски.

Поголем престој на странски туристи се повеќе и повеќе, како што кажа, може да се види и во останатите региони во земјава.

-Зголемен интерес кај домашните и странските туристи има и за руралниот туризам, ено-гастро концептот, еко туризмот, авантуристичките форми на туристичката понуда, па може во 2023 година да се пофалиме за успесите на Крушево, Охрид, Струга, Дојран, Битола, односно градови кои се повеќе се фокусираат во туризмот. Многу брзо според мене туризмот ќе биде над 5 проценти во домашниот БДП, зашто во овој момент туристичко-угостителската индустрија во Македонија во текот на целата година вработува повеќе од 35 000 луѓе што претставува 5 проценти од вкупниот број на вработени. Според Светската туристичка организација и светските текови многу брзо очекувам земјава да надмине над 5, 6, па и 7 проценти во БДП од туризмот, а тоа може да се оствари само со континуирана работа на сите чинители во туристичката индустрија, но и со многу, многу посериозен пристап од страна на централната и локалната власт кога е туризмот во прашање, истакна Јаневски.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ОВДЕ: NEZAVISEN.MK

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ