Американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина воената помош за Украина, три дена по вербалниот судир со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.
Трамп веќе издаде наредба за прекин на воената помош за Украина.
Претставник на Белата куќа потврди дека помошта за Украина е прекината.
-Претседателот Трамп беше јасен дека е фокусиран на мирот. Потребно ни е и нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Паузираме и ја разгледуваме нашата помош за да се осигураме дека ќе придонесе за решение – изјави официјалниот претставник.
Украинскиот парламент, пак, оцени дека безбедноста на земјата зависи од поддршката од Соединетите Држави и ги опиша мировните напори на американскиот претседател Доналд Трамп како „одлучувачки“ во напорите да се стави крај на тригодишната војна со Русија.
Во синоќешното соопштение, се вели дека поддршката на Вашингтон е „поважна од кога било за украинскиот народ“.
„Украинскиот народ сака мир повеќе од кој било друг во светот и верува дека личната улога на претседателот Доналд Трамп и неговите мировни напори ќе бидат клучни за брз прекин на непријателствата и постигнување мир за Украина, Европа и целиот свет. Врховната Рада на Украина ги поздравува иницијативите на претседателот Доналд Трамп за започнување на преговарачки процес насочен кон обезбедување мир“, се вели во соопштението.
Парламентот, исто така, ја изрази својата „длабока благодарност“ до Трамп, американскиот Конгрес и американскиот народ за нивната „цврста и доследна“ поддршка на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Од Кремљ, пак, наведуваат дека мировните преговори нема да започнат се додека не се нормализира целосно работата на дипломатските претставништва на Русија и Америка.
За тоа време, конфликтите на фронтот не стивнуваат.