СВАДБИ СЕ МОЖНИ ОД ПРВИ ЈУНИ – само на отворено, без маски и по шестмина на маса?

мај 9, 2021

Има ли шанси, после повеќе од една година, да се дозволи организирање на свадби веќе од први јуни.

Последниот забор за ова прашање ќе го има Комисијата за заразни болести на 15 мај.

Таа ќе треба да одлучи дали ќе одговори позитивно на барањето на угостителите овие прослави конечно да почнат да се организираат во земјава, но и дали ќе ги прифати протоколите што ќе ги предложат организаторите.

Она што е зрак на надеж, е што на овие угостители за прв пат им е кажано дека воопшто ќе се разгледува прашањето за нивно отворање, односно организирање на прослави.

„Ова е за прв пат, на средбата со вицепремиерот Фатмир Битиќи, да ни биде кажано дека ќе се разгледува прашањето да се отворат рестораните за организирање свадби. Досега такво нешто воопшто не ни беше ни најавувано, ова е прв пат тоа да се случи. Но, сепак, конечниот збор ќе го има Комисијата за заразни болести, ависно од епидемиолошката состојба“, вели Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко угостителската комора при ССК.

Тој очекува, доколку Комисијата за заразни болести даде позитивно мислење на 15 мај, да се дозволи вакво работење на објектите веќе од почетокот на јуни. Дотогаш би се одредувале протоколи кои би важеле за нивното функционирање, кои исто така треба да добијат согласност од Комисијата.

Се уште не е одлучено кои протоколи би важеле. Ангеловски вели дека тие дополнително ќе се договараат, и не значи дека ќе бидат исти со она што досега го предлагале организаторите на свадби. Но, протоколите ќе зависат од тоа каква во тој момент ќе биде епидемиолошката состојба со коронавирусот, дали во тој период ќе важи полициски час или ќе бие укинат, дали ќе има ограничување и до колку часот на работењето на другите угостителски објекти, односно кафулињата и рестораните.

„Ние досега три пати предлагавме различни видови протоколи, кои зависеа од тогашната состојба. Сега ќе биде истото, тие ќе зависат од условите кои тоагаш ќе важат, дали ќе има полициски час, до кога биде дозволено да работат другите локали и слично. Во моментов со колегите се уште разговараме и се консултираме какви протоколи да предложиме“, објаснува Ангеловски.

Она што е извесно, е дека организаторите на свадби ќе бараат гостите да бидат по повеќе на маса, а не по четворица, како што важи за другите угостителски објекти.

„Ќе бараме да се дозволи на маса да седат повеќе луѓе, нема логика да бидат четворица, иако тоа е во ред за обичните ресторани. Но, нашите свадбарски маси се големи, од 1,8 до 2 метра, и сосема логично и безбедно е на нив да седат најмалку по шест лица“, вели Ангеловски.

ОРИГИНАЛНИОТ ЛИНК МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ОВДЕ – https://faktor.mk/svadbi-se-mozni-od-prvi-juni—samo-na-otvoreno-bez-maski-i-po-shestmina-na-masa

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ