СТРУМИЧКАТА ПОЛИЦИЈА СО ВАЖНА ИНФОРМАЦИЈА: СЕ КРЕИРААТ ЛАЖНИ ЖЕНСКИ ПРОФИЛИ НА ФЕЈСБУК, ПРЕТХОДНО ВЕ УЦЕНУВААТ А ПОТОА ВИ БАРААТ ПАРИ!

Во Секторот за внатрешни работи Струмица, Отсек за компјутерски криминал во последниот период евидентирани се пријави на кривични дела „Уцена“ или „Злоупотреба на лични податоци“ сторени преку креирање на лажни профили на социјалната мрежа Фејсбук, лажно претставувајќи се како девојки од Р.С.Македонија на возраст од 25 до 30 години.

Имено, лицата преку овие лажни профили, во разговор со оштетените лица барале од нив да воспостават видео комуникација, а потоа без нивно знаење и согласност изготвувале фото и видео материјал со експлицитна содржина од комуникацијата со оштетениот, кој во понатамошна постапка им служел за уцена.

Уцената ја вршеле на начин што од страна на лажните профили се барала уплата на пари со цел предметните фотографии и видео содржини да не завршат кај фамилијата на оштетените или нивните најблиски.

Отсекот за компјутерски криминал при Секторот за внатрешни работи Струмица постапува по сите поднесени пријави. Сметките на кои требало да се уплатат паричните средства стекнати со уцената најчесто се од Брегот на Слоновата Коска. Секторот за компјутерски криминал при МВР веќе достави барање до социјалната мрежа Facebook да ги утврди IP адресите од кои се регистрирани лажните профили, а побарана е и меѓународна правна помош.

Секторот за внатрешни работи Струмица апелира до граѓаните да не наседнуваат на уцени од ваков тип и да не споделуваат нивни фотографии или видео содржини со трети лица, со цел спречување на понатамошна злоупотреба на истите.

Автор:

Датум:

јули 21, 2021

Категории:

Хроника, Струмица