Ирена Китановска, родена во Струмица, а сега студентка на престижниот Универзитет „Лудвиг Максимилијан“ (LMU) во Минхен, Германија, го трасира својот пат кон успешна кариера во јавниот сектор и меѓународната политика. Како студент од прва генерација на додипломски студии по Политички науки и Право, Ирена е меѓу најуспешните студенти на својот факултет, рангирана во топ 4% од 251 студенти со просечна оценка од 1,32.
Поддржана од стипендијата на Фондацијата Конрад Аденауер, Ирена истакнува дека финансиската и идеолошката поддршка од оваа престижна фондација ѝ овозможува да ги следи своите амбиции и активно да учествува во академски и професионални активности. Нејзините искуства вклучуваат пракса во Германскиот Бундестаг, како и во Фондацијата Конрад Аденауер во Скопје, каде што преведуваше политички статии и подготвуваше материјали за социјалните медиуми.
Во април 2025 година, Ирена со нетрпение ја очекува својата пракса во Европскиот парламент, што ќе биде значаен чекор кон нејзината цел да работи во јавниот сектор и меѓународните институции. Освен тоа, таа активно учествува во организирање на семинари и конференции во Германија, со фокус на економските и политичките процеси.
Нејзините јазични компетенции вклучуваат македонски, германски, англиски, француски, па дури и кинески, што дополнително ја позиционира како мултидисциплинарен експерт со глобална перспектива. Ирена Китановска е светол пример за младите македонски студенти кои сакаат да ги остварат своите соништа на меѓународната сцена.