МЗТ Скопје го освои 13-тиот Куп трофеј во својата богата историја совладувајќи го Кожув во финалето на турнирот кој се одигра во салата „26ти Април“ во Гевгелија.
Аеродромци покажаа доминантна игра во текот на целиот турнир, совладувајќи ги Работнички и Пелистер до финалето па задоволство од прикажаното на неговите избраници изрази тренерот Васко Атанасов.
„Кога ќе ги видиме трите натпревари, потполно доминиравме и јас немам некои зборови да анализирам и да кажувам, ги оставив играчите да кажат на теренот. Тие успеаја во тоа. Со голема разлика добивме мечеви, имавме перфектна одбрана и напад. Кожув одигра добар меч во финалето како домаќин, ние освен првите неколку минути, немавме проблеми на теренот.
Што го реши овој меч? Веројатно тимската одбрана. На крајот, не можам да издвојам ниеден играч, но Марко Миловановиќ во одредени моменти влезе на терен и беше оној кој направи разлика“, изјави Атанасов.
Популарна тема на овогодинешното издание е шансата ја добија младите кошаркари, пред се младинците на Кожув. Минутажа за младите е добро, но потребно е да биде погоден и моментот кога тие ќе добијат шанса, како што вели тренерот на МЗТ Скопје.
„Важно е кога тие играат, дали кога е готов мечот, дали кога се крши резултатот. Кога ќе го видите МЗТ, домашните играчи имаат улога во тимот. Не може да гледаме на некои две до три минути кога е 20-30 разлика како многу. Можеби е важно, ама тоа не е ништо. Додека не го смениме тоа размислување, кога тие играчи ќе играат кога мечот се крши, кога е тешко, да се калат… дотогаш ќе имаме проблем“, додава младиот стратег.