Стануваат ли македонските патишта опасни по живот? Што треба да се преземе?

март 6, 2024

Две сообраќајни несреќи со смртоносен исход за два дена…Стануваат ли македонските патишта опасни по живот?

Последната несреќа со смртни последици се случи вчера на магистралниот пат Штип-Велес, откако по судир на две возила животот го загуби 66 годишно лице од Свети Николе, а со тешки повреди се здобиле 2 лица. Ден претходно во петокот, на патот Кичево-Гостивар загина 46 скопјанец, а тешко беше повредена малолетна девојка. Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

„Апелираме до возачите да ја прилагодуваат брзината според условите на патот и да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и на тој начин сите да придонесеме за подобри, посигурни, но се разбира и побезбедни патишта за нас и нашите деца.“

Две третини од сообраќајните незгоди со смртни последици се резултат од движење со недозволена брзина- посочува проф. Зоран Јошевски од Техничкиот факултет. Повеќе од половина од нив вели дека се млади возачи, па токму затоа смета дека надлежните институции здружено мораат да спроведуваат повеќе кампањи за едукација и потсетување на последиците од несовесното возење.

„Каде е превентивното дејствување уште од училиштата? Каде се автошколите и што тие преземаат во делот на едуцирање на идните возачи. 7 години наназад слушаме дека структурата и конструкцијата на Агенцијата за безбедност на патниот сообраќај на Македонија е изготвена но никако таа агенција да профукционира. Ние сеуште немаме тело кое ќе има одредена и извшрна моќ и ќе работи во унапредување на безбедноста на патниот сообраќај.“

Јошевски потсетува дека освен МВР и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот во Македонија нема друга институција која би се фокусирала на акционен план во делот на подобрување на безбедноста на сообраќајот. Тој апелира и да се изготви нова Стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ