СПРЕЧЕНА ИЗМАМА ОД НАД 160 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ВО МАКЕДОНИЈА: Нафтени компании со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ!

јануари 15, 2024

Три компании и петмина добавувачи со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на Данок на личен доход. Станува збор за компании кои се регистрирале за трговија со нафта и нафтени деривари, но ниту имале лиценци за оваа дејност, ниту пак бензиски пумпи и складишта за чување на нафтата. Издавале и примале фиктивни фактури, а зад целата шема според Управата за јавни приходи (УЈП), се кријат двајца сопственици, од кои едниот извршил промена на податоците во Централниот регистар. Фирмите имале и исто сметководствено биро.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска на брифинг со новинарите информираше дека шемата е навреме разоткриена со што нема оштетување на Буџетот. Даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од над 160 милиони денари (2,5 милиони евра) и за Данок на личен доход од речиси 19 милиони денари, велат од УЈП.

Како се одвивала шемата?

Тројца даночни обврзници и петмина добавувачи се обиделе да ги изиграат законите преку промена на назив и седиште на правното лице, како и промена на сопственичката и управувачката структура, без да имаат пријавени вработени, соодветни лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, бензинска пумпа и складишен простор, служејќи се со фиктивни фактури за милионски суми.

Заедничко за првиот и третиот случај е што фирмите имале ист сопственик од Македонија, кој подоцна го сменил презимето, наводно поради фамилијарни причини. Кога УЈП започнало со контроли, започнала и промена на сопственичката структура. Фирмите одеднаш добиле газди во Хрватска и во Косово.

Докази и пријави

Кај првиот контролиран случај станува збор за утврдени неправилности по основ на ДДВ од над 79 милиони денари, во вториот од 26 милиони денари, а во третиот случај за околу 54 милиони денари. За овие случаи УЈП доставиле писмени пријави со докази до Основното јавно обвинителство и МВР на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ