Спермограм – анализа на семената течност
Бројот на сперматозоиди е битен во постигнување бременост кај брачните партнери. Мал број на сперматозоиди може да укажува и на некоја здравствена состојба.
Нормален број на сперматозоиди е од 15 милиони до 200 милиони на милилитар семена течност. Под 15 милиони на милилитар или под 39 милиони во ејакулат, се смета за мал број на сперматозоиди – oligospermia. Висок број на сперматозоиди е над 200 милиони/мл.
Бројот на сперматозоиди се одредува преку спермограм.
Во спермограмот се анализира бројот на спперматозоиди, изгледот (морфологија) и подвижноста. Ова се битни параметри за машката плодност и често се потребни и до три спермограми за да се направи точна анализа на сперматозоидите.
Секој спермограм има референтни вредности односно нормални вредности на секоја анализа на сперматозоидите во него.
Зошто е потребно да има нормален број на сперматозоиди?
Доколку партнерите сакаат бременост на природен начин, потребно е семената течност (спермата) да има нормален број на сперматозоиди. Иако е потребен само еден сперматозоид за да оплоди јајце клетка, поголем број на здрави сперматозоиди ги зголемуваат шансите за бременост.
Освен бројот на сперматозоиди, за да се постигне бременост битно е сперматозидите да имаат соодветна форма и изглед како и да имаат соодветна подвижност и брзина. Изгледот и подвижноста на сперматозоидите се битни за да може сперматозоидот да стигне до јајце клетката и да носи квалитетен генетски материјал.
Спермограмот е битен и за машкото здравје. Промена во бројот на сперматозоиди и нивната функција укажува и на некои здравствени проблеми. Мал број на сперматозоиди може да укажува на висок процент на масти во телото, висок притисок и на метаболен синдром со ризик за дијабет и срцеви проблеми.
Затоа кај пациенти со мал број на сперматозоиди даваме препорака за испитување на ниво на тестостерон, и даваме препораки за промена на животни навики.
Третмани за променет спермограм
Инфертилитет поради лош спермограм може да биде поради: генетски фактор, претходни операции, општо здравје, сексуално преносливи болести. Можни третмани кои постојат се:
Хирурпшка интервенција – доколку причина е варикоцела или обструкција на семени канали.
Антибиотска терапија – доколку постои бактерија и инфекција која влијае на плодноста
Лекарства и советување доколку постои проблем при сексуален однос
Хормонска терапија кога има промена во нивото на хормони и се причина за промена во спермограмот.
Како се подобрува и одржува бројот на сперматозоиди?
Промена и подобрување на животните навики многу влијаат врз подобрување на спермограмот.
Одржување на здрава телесна тежина – дебелината влијае врз бројот на сперматозоиди.
Витамини и суплементи – постојат витамини и суплементи кои влијаат врз подобрување на подвижноста и бројот на сперматозоиди.
Да се избегнуваат големи количини на алкохол, цигари и наркотици – имаат големо влијание врз сперматозоидите.
Широка гардероба – тесна облека има влијание на функцијата на сперматозоидите.
При проценка за причини за неплодност кај брачните парови, спермограмот има голема улога и битно е да се направи. Доколку постојат промени во функцијата или бројот на сперматозоиди постојат многу третмани за негово подобрување како и третмани за постигнување на бременост.
Еден од нив е инсеминацијата (ИУИ).
После секој спермограм битно е да поразговарате се вашиот лекар за значењето и опциите за понатамошен третман, доколку има промени во спермограмот.