Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Струмица остро реагира на, како што наведуваат, серијата неточни и манипулативни изјави на градоначалникот Костадин Костадинов, дадени по последната седница на советот.
Според нив, изјавите на градоначалникот се сериозно загрижувачки бидејќи, како што посочуваат, не се во согласност со реалната состојба и претставуваат обид за свесна манипулација со јавноста преку искривување на факти и бројки.
„На седницата на Советот, ниту еден советник од ВМРО-ДПМНЕ не изјави дека не треба да има хигиеничарки во детските градинки, како што тоа го презентираше Костадинов. Станува збор за грубо извртување на вистината“, стои во реакцијата од советничката група.
Тие додаваат дека дури и советниците од СДСМ покажале различни ставови од градоначалникот и, според нив, јасно се гледа оти неговите предлог-проекти веќе не наоѓаат поддршка ниту кај сопствените редови.
„Костадинов лаже и кога вели дека сме биле против рушење на дивоградби, иако предлогот за тоа беше поднесен токму од неговата партија. Лаже и за градинките, за угостителите, па дури и за јавниот превоз“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката група предупредува дека политичката борба и внатрешните тензии во СДСМ веќе почнуваат да го нарушуваат нормалното функционирање на локалната самоуправа, што, според нив, е сериозна закана за граѓаните и нивните потреби.