strumica denes logo

СКАНДАЛ ВО СТРУМИЦА: Поранешен директор на „Комуналец“ под истрага – Погребална фирма добила неправилен закуп на Градска капела вреден речиси 2 милиони денари!

Автор:

Датум:

април 29, 2025

Автор:

Датум:

април 29, 2025

На ден 29.04.2025 година, од страна на Секторот за внатрешни работи Струмица поднесена е кривична пријава против поранешниот директор на ЈПКД „Комуналец“ Струмица, лицето З.Ѓ, за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик. Истовремено, пријава е поднесена и против Е.Н – управител на компанија за погребални услуги од Струмица – за истото кривично дело по член 353 став 4 во врска со член 22 од КЗ, односно како соизвршител.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ:
ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Според информациите од полицијата, првопријавениот, додека ја извршувал функцијата директор на ЈПКД „Комуналец“ Струмица во текот на 2022 година, ја злоупотребил својата службена положба и склучил договор за закуп на деловен простор во Градската капела на Градските гробишта со второпријавениот, управител на фирма за погребални услуги. Договорот бил со важност од 10 години, со месечна закупнина од 14.200 денари со вклучен ДДВ, што на годишно ниво изнесува 170.400 денари.

И покрај тоа што овој договор сè уште бил во важност, во текот на 2023 година првопријавениот и второпријавениот склучиле уште еден ист договор за нов 10-годишен период. За овој втор договор, веднаш била извршена уплата на закупнина во износ од 1.704.000 денари.

Со овие дејствија, двајцата пријавени постапиле спротивно на законските одредби – конкретно член 4 став 2 од Законот за гробишта и погребални услуги, како и член 7 став 1 точка 4 од Законот за заштита на конкуренција. Со тоа, на приватната компанија ѝ било овозможено да врши погребална дејност во објект кој, според важечкиот Закон и Правилникот за технички стандарди, не смее да се издава под закуп на трети лица.

Од страна на надлежните институции е утврдено дека на овој начин ЈПКД „Комуналец“ Струмица се стекнало со парични средства во вкупен износ од 1.870.400 денари, спротивно на прописите, додека второпријавената фирма неправилно добила можност за вршење дејност и стекнување имотна корист.

Постапката е во тек, а јавноста со внимание ја следи разврската на овој случај кој повторно го актуелизира прашањето за одговорноста на јавните функционери и контролата врз јавното добро.