Сезоната на ајвар започна – казна од 50 евра ако правите зимница пред зграда!

септември 11, 2021

Старо-новата есенска спортска дисциплина, позната како правење зимница, веќе на големо е активна во метрополата. Мирисот на „распалени “ ќумбиња, печени пиперки, модри патлиџани, ајвар и други јадења препознатливи за нашето поднебје, на големо може да се почувствува низ населбите во Скопје. И сето тоа е во ред, меѓутоа само доколку се почитуваат правилата, односно ако не се загадува околината и отпадоците од зимниците не се фрлаат на соодветно место предвидено за нив.

Сепак, многумина се жалат дека имаат крајно несовесни соседи, кои освен што во ќумбињата горат разни отпадоци, ѓубрето го оставаат на улиците, откако ќе си ги измијат дворовите.

Иако традицијата полека се губи и со евтината понуда на маркетите на ајвари, лутеници, пинџури и други традиционални јадења што се приготвуваат, сепак некои граѓани не сакаат да купуваат, односно не сакаат да се откажат од вкусот на домашно приготвена зимница. И сето тоа е во ред доколку ги почитуваат правилата на една метропола.

Со закон за јавна чистота, општинските и градските инспектори, но и полицијата ќе можат да ви напишат глоба од 50 евра ако ве затекнат како печете пипер на јавна површина, на паркинг, пред зграда или во некој од блиските паркови. Ако казната не ја платите на самото место, пријавата ќе стаса до Основен суд а, потоа ќе мора да платите 150 евра, или трипати поголема сума за својата несовесност.

Најмалку засегнати од овој закон се оние што живеат во куќи и поседуваат свои дворови бидејќи законот не вклучува и приватни површини. Но за преостанатите, останува да се снаоѓаат. Некои од нив за оваа домаќинска дисциплина ги користат балконите на зградите. Постојат и граѓани што не го поддржуваат домашното приготвување ајвар, и сметаат дека тоа воопшто не е соодветно за градските населби.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ