Села: Игрите на среќа да се преместат во хотели со пет ѕвезди!

април 18, 2022

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села на денешната прес-конференција во Собранието соопшти дека нивната парламентарна група до Собранието ќе поднесе предлог закон за измени и дополнување на Законот за игрите на среќа, со кој се предвидува игрите на среќа да бидат преместени исклучиво само во хотели со пет ѕвезди.

– Игрите на среќа, казината, спортските обложувалници и сите други игри на среќа да се преместат исклучиво само во хотели со пет ѕвезди. Со законот предвидуваме овие измени да стапат во сила после една година за да им се даде време и на вработените и за да ги преместат овие казина и други игри на среќа во хотели со пет ѕвезди, рече Села и ги повика пратениците од сите парламентарни групи да ги разгледаат измените и да ги поддржуваат.

Другиот предлог во измените на законот, рече Села, е ограничување на рекламирање на игри на среќа, со што, како што посочи, и се дава надлежност на локалната власт за регулирање на оваа проблематика.

– На локалната власт им даваме право, бидејќи секој бизнис и плаќа на општината фирмарина од 100 евра годишно. Со овој закон, на казината и за игрите на среќа се забранува да се рекламираат повеќе од димензиите кои се во законот – 30 со 50 сантиметри. За секој метар квадратен дополнително за кои ќе се рекламираат и во објектите каде што ќе бидат сместени и за билбордите ќе плаќаат, и тие пари ќе одат на посебна сметка на општината каде што се рекламираат. За секој метар квадратен би се наплатило минимум 200 евра. Ние сме за тоа да разговараме и со другите политички актери, пратеници, лидерот на АА.

Села изјави дека се на ставот овој надомест да биде уште поголем, со тоа што парите би оделе за инвестиции во спорт, за младина и за граѓаните кои имаат посебни потреби.

Села смета дека не е решение одалечувањето од 500 метри на игрите на среќа од образовните и верските институции, бидејќи тоа подразбира дека овие казина и објекти на игри на среќа ги носат пред нашите населби, до нашите домови и со тоа не се решава проблемот туку повеќе се комплицира. Посочи дека Алијансата за Албанците е за целосна забрана на сите игри на среќа, но, како што рече, нема расположение за тоа од сите политички актери.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: