СЕ ПОЧИТУВА ЛИ ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ ИЛИ СЕ АДАПТИРА СПОРЕД ПОТРЕБИТЕ? Граѓаните се жалат на пушење во затворен простор!

август 25, 2023

Се почитуваат ли законските одредби поврзани со пушењето цигари и останати производи од тутун или „дизгините“ се одамна изгубени? Граѓаните се почесто се жалат дека нема никакви граници, ниту бариери меѓу пушачите и непушачите и дека лицата кои решиле да не пушат, но и децата се пасивни пушачи бидејќи се пуши скоро насекаде.

Голем број граѓани велат дека биле во ситуација кога сведочеле за целосно прекршување на законот и виделе луѓе кои пушат во затворен просотр, со криење, а дополнително истакнуваат дека состојбите се влошиле со навлегувањето на разните типови електронски цигари или оние кои се нарекуваат уреди за несогорлив тутун.

– Во две ситуации бев сведок како лица од медицинскиот персонал криејќи се пушат цигари во тоалетите. Бидејќи имав рак на дојка, честопати одам на прегледи и сум по болничките ходници, бев видно револтирана од таквото однесување. Им укажувам на сите дека тоа не е во ред, ниту за нив, ниту за пациените, но не наидов на приемчиви реакции – вели педесет годишната Антоанела Р.

Додава дека дополнително е револтирана од користењето на електронски цигари, но и новите типови кои се пушат и во затворен простор.

– Не знам како се викаат сега електронските цигари, оти сите ми викаат ова не се електронски и дозволени се насекаде, но и тие смрдат. Чим има некаква миризба мислам дека се штетни, не знам зошто се дозволени да се пушат во затворен простор. На крајот, јас не сум пушач и нејќам да ми смрди на цигари – истакнува Антоанела.

Прашавме во Министерство за економија, Влада и во Државниот пазарен инспекторат дали се почитуваат законите и каде се е дозволено пушење на цигари и други производи од тутун. Од пазарниот инспекторат ни посочија дека вршат редовни и вонредни надзори во согласност со нивните надлежности, што подразбира дека вршат надзори и по Законот за заштита од пушење.

– Непочитувањето на членот 2 и 3 од Законот за заштита од пушењето, предвидува казна од 2.000 до 4.500 евра за правното лице, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, а за физичкото лице што ќе биде фатено како пуши во затворен објект предвидена е парична казна од 100 до 300 евра, во денарска противвредност – посочуваат од ДПИ.

Додаваат дека согласно Заклучокот донесен од Владата врз основа на мислењето од Министерството за здравство „користењето на несогорливите производи од тутун, уредите за нивно загревање и електронски цигари не претставува пушење и следствено, не потпаѓа под забраната за пушење од член 3 став 1 од Законот за заштита од пушењето, односно истите може да се користат и во затворениот дел од јавните простории“. Од ДПИ појаснуваат дека според оваа одредба пушењето е дефинирано како поседување или користење на тутунски производ кој согорува, без оглед дали чадот активно се вдишува или издишува, па задолжени се да постапуваат согласност со овој заклучок.

Инаку Владата по разгледување на информацијата во врска со доследната примена на Законот за заштита од пушењето во делот на несогорливиот тутун, уредите за нивно загревање и електронските цигари, го усвои мислењето на Министерството за здравство дека несогорливите тутунски производи и уредите за нивно загревање не спаѓаат под одредбите за забрана за пушење од Законот за заштита од пушењето.

Граѓаните укажуваат дека ваквите одредби се злоупотребуваат, и дека поради „каприците“ на некои граѓани, се штети на мнозинството.

– Возејќи се во автобус пролетва, токму кога беа штрајковите и се чекаа автобуси долго време, се случи во преполн автобус, на вториот кат млад дечко да запали цигара, наводно дозволен, не било класична цигара. Прво му рече една госпоѓа да не пуши внатре, секако нема доволно воздух поради гужвата, на што остро и одговори дека биле дозволени. Но, кога сите свикавме дека не сакаме да се гушиме ја изгаси цигарата. Не знам дали е дозволено навистина, но засмрде повеќе од класична цигара и не би требало да бидат дозволени – вели една скопјанка која инсистираше на анонимност.

И за вакви ситуации од ДПИ велат дека се придржуваат до Заклучокот од Владата за електронски цигари затоа што јавниот превоз спаѓа во јавни простории во согласност со Законот за заштита од пушење.

Наши сограѓани кои живеат и работат во странство, поконкретно во Германија посочуваат дека таму не се дозволени ниту обични, ниту било каков друг тип на цигари во затворен простор. Дополнително што има локации кои се на отоврено па повторно не е дозволено пушење насекаде, туку има само одредени означени места каде пушачите смеат да пушат.

– Нема разлика меѓу обични цигари и електронски или овие со несогорување на тутнот. Напротив за сите важат забрани за користење во затворено, нема отстапки, ниту во метро не е дозволено, а имаме и одредени станици каде или е целосно забрането, или пак има само една точка каде може да се пуши. Овде важат строги правила кога е во прашање здравјето на граѓаните – вели Тамара Б., која живее во Германија.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ