Општинската организација на СДСМ-Струмица обвини дека Владата селективно ја игнорира потребата за нови вработувања во детските градинки во општината, со што, според нив, се загрозува редовното функционирање на установите „Детска Радост“ и „Виножито“.
„Струмичките деца повторно се ставени во подредена состојба. Владата не одобри ниту една согласност за нови вработувања во струмичките градинки, додека на други општини, како Тетово, Прилеп, Битола и Кавадарци, им се доделени од 3 до 70 согласности“, велат од СДСМ-Струмица.
Од партијата додаваат дека и покрај тоа што дел од вработените во градинките заминале во пензија, со што местата се веќе планирани во буџетот, Владата не дозволува нивно пополнување.
„Градинката ‘Детска Радост’ веќе има десет испразнети позиции поради пензионирање, а ‘Виножито’ има доставено шест барања за нови вработувања кои се дел од финансискиот план. Но, одговор нема“, се наведува во нивното соопштение.
Според СДСМ-Струмица, оваа состојба е последица на политичка одлука, а не на реална финансиска или кадровска неможност.
„Овој игнорантски однос е директен резултат на политиката на Владата кон Струмица. Ова не е првпат – секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, градот е ставен на маргините. Но, сега веќе станува збор за деца и нивните семејства“, порачуваат од општинската организација.
Тие апелираат Владата да го преиспита односот и да овозможи непречено функционирање на предучилишните установи во градот, посочувајќи дека од септември постои ризик нови деца да не можат да бидат запишани.
„Ако има средства за папаја, манго и октоподи, мора да се најдат и за струмичките дечиња. Детските градинки не смеат да бидат жртви на политички инаети“, велат од СДСМ-Струмица.