РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДОБИ НОВА ВЛАДА – НОВ ПРЕМИЕР Е ДИМИТАР КОВАЧЕВСКИ!

јануари 17, 2022

Со 62 гласаа „за“, 46 „против“ и без возджани Собранието го избра новиот состав на Владата.

Нов премиер ќе биде претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Легитимитетот на Владата е неспорен и оддржлив во следните 2 и пол години. Избори ќе има, но во 2024. Ќе работиме посветено за добробит на граѓаните. Со работа започнуваме веднаш. Утре на седница на влада ќе донесеме решенија за енергетската криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа, на која ќе разговарам за забрзување на евроинтеграциите. Во вторник ќе бидам домаќин на бугарскиот премиер Петков со кого сакаме да воспсотавиме соработка за зачувување на македонскиот идентитет и посебност“, рече Ковачевски на крајот од собраниската расправа.

Новиот владин состав ќе има 21 член. СДСМ и коалицијатата ќе имаат 12, ДУИ шест, а Алтернатива тројца министри.

Нов вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска ќе раководи со Министерството за одбрана, Никола Тупанчевски е министер за правда, Славица Грковска вицепремиерка против корупција, Оливер Спасовски останува во МВР, Љупчо Николовски ќе управува со ресорот земјоделие, Фатмир Битиќи останува вицепремиер за економски прашања, Јована Тренчевска министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски ќе раководи со Министерството за транспорт и врски, Бисера Костадиновска Стојчевска е новата министерка за култура и Горан Милевски од ЛДП во локална самоуправа.

ДУИ ги задржува ресорите, со една промена што Јетон Шаќири од ресорот информатичко општество го презема ресорот образование. Артан Груби и натаму ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи останува шеф на дипломатијата, Крешник Бектеши и натаму е на чело на Министерството за економија, а Насер Нуредини во животна средина.

Алтернатива ќе раководи со ресорот здравство каде нов министер е Беким Сали, Адмирим Алити ќе биде прв човек на Министерството за информатичко општество, а Џемаил Чупи е министер без ресор задолжен за дијаспората.

По гласањето, новоизбраниот премиер и министрите дадоа свечена изјава, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги повика функционерите по завршувањето на седницата да се упатат во собранискиот хол за заедничка фотографија.

Претходно попладнево, од владината-прес служба пристигна известување дека в понеделник со почеток во 9 часот во зградата на Владата ќе се случи примопредавање на функцијата и кабинетот помеѓу досегашниот премиер, Зоран Заев и новоизбраниот, Ковачевски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: