Home

Perdormire
Струмица

Работилница „Infineon meets FEEIT“ : Kомпанијата Infineon Technologies Austria организираше работилница на ФЕИТ!

Home

Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје беше домаќин на дводневната работилница „Infineon meets FEEIT“, во организација на компанијата Infineon Technologies Austria како дел од програмата IPCEI Microelectronics.

Infineon Technologies е во топ 10 светски компании од полупроводничката индустрија со повеќе од 50 000 вработени на светско ниво. Компанијата е лидер во сферите на продукти за автомобилската индустрија, енергетско-ефикасни технологии и „Интернет на нештата“ (IoT).

IPCEI (Important Project of Common European Interest) on Microelectronics е најголемата иницијатива во рамки на Европа во сферата на микроелектрониката. Овозможува значителни можности за универзитетите, истражувачките институции, претставниците од индустријата и студентите да се вклучат во решавање на разни предизвици. Infineon Austria е дел од оваа стратешка иницијатива.

Професор д-р Катерина Ралева од Институтот за електроника објасни дека оваа работилница е ретка можност да се слушнат предавања од инженерите од оваа позната меѓународна компанија за чекорите и предизвиците со кои се соочуваат при дизајнирањето, развојот, тестирањето и производството на чипови и можност, студентите директно да контактираат со вработените и практикантите од Infineon во насока на размена на искуства и условите за професионален развој во Infineon.

„Што се однесува до професорите и асистентите, силно верувам дека ќе се отворат можности за идна соработка со Infineon во полето на полупроводниците и микроелектрониката преку програмата IPCEI Microelectronics (Important Projects of Common European Interest) спонзорирана од ЕУ“ рече Ралева.

Работилницата даде преглед во процесот на креирање и производство на полупроводнички продукти (патот од идеја до продукт), како и да ги запознае учесниците со работата на компанијата и можностите кои ги нуди на студентите за професионален кариерен развој.

Преку програмата IPCEI, се отвора можноста за соработка помеѓу ФЕИТ и Infineon Technologies Austria за изработка на докторати, магистерски и дипломски трудови, како и за вклучување на самиот Факултет директно во развојните проекти на компанијата. Токму на таа тема беше одржана и официјална средба помеѓу ФЕИТ и претставниците од Infineon и IPCEI каде се дискутираа чекорите за остварување на оваа соработка.

„Моментално во развојниот центар на компанијата во Филах, Австрија сме десетмина инженери и неколку практиканти кои својата инженерска наобразба ја почнавме токму од ФЕИТ, што покажува дека постои квалитет што произлегува од овие клупи. Имаме цел да овозможиме ФЕИТ да добие нов соработник, гигант од полупроводничката индустрија, во поглед на научно-истражувачката работа, како и студентите кои имаат желба, да ја имаат можноста професионално да се надоградуваат преку праксите кои ги нуди компанијата. Веруваме дека ќе следуваат повеќе работилници во наредните години и дека ова е само почеток на една успешна соработка“, вели Виктор Георгиевски, претставник на Infineon Technologies Austria.

Во рамки на работилницата беа изложени и најразлични развојни плочки на компанијата. Во наредниот период, Infineon Austria, преку стотина разновидни развојни плочки, ќе даде поддршка за изведувањето на едукативните потреби на институтот за електроника на ФЕИТ и смерот КХИЕ (Компјутерско хардверско инженерство и електроника), со цел надоградба на практичното искуство на студентите.