Под влијание на серија од влажни воздушни бранови, од денеска во вечерните часови нашата земја влегува во период на претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Според синоптичарите, врнежите ќе бидат пообилни во западните и јужните делови, а температурите ќе се задржат релативно високи за овој период од годината.
Еве детална прогноза за тоа што не очекува:
Денес (вторник, 02.12)
Денот ќе протече со променлива облачност, додека претпладнево по одделни котлини имаше појава на магла. Главната промена настапува кон крајот на денот и во текот на претстојната ноќ, кога се очекуваат повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура денеска ќе достигне до 13 степени.
Утре (среда, 03.12)
Влажниот бран продолжува и утре. Времето ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. На повисоките планини, врнежите од дожд ќе преминат во снег. Минималните температури ќе бидат насекаде позитивни (од 1 до 7 степени), а дневниот максимум ќе се движи до 11 степени. Ќе продолжи да дува умерен југоисточен ветер.
Четврток (04.12)
Временската слика останува нестабилна и во четврток. Утрото ќе започне со услови за магла по котлините, а во текот на денот ќе се задржи претежно облачно време со повремен локален дожд. Промена ќе има кај ветерот, кој ќе го смени правецот и ќе дува од североисток. Температурите ќе се движат од 2 до 13 степени.
Поради влажните коловози и најавената магла, АМСМ и надлежните служби препорачуваат внимателно возење и прилагодување на брзината.























