Премиерот Христијан Мицкоски најави дека целта на Владата е просечната плата во земјава да се приближи до 1.000 евра до крајот на мандатот, односно до 2028 година. Ова го истакна во говорот на одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание, во Куманово.
Мицкоски посочи дека економските показатели, според него, укажуваат на напредок, при што номиналниот раст во 2024 и 2025 година надминал осум проценти, а позитивните движења продолжуваат и во 2026 година.
Тој информираше дека просечната нето-плата во јули изнесувала 48.499 денари, што претставува номинален годишен раст од 7,1 процент. Дополнително, извозот во првите осум месеци од годината достигнал 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти.
„Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон просечна плата од 1.000 евра“, рече Мицкоски.
Во обраќањето, премиерот повика на поставување амбициозни национални цели, носење храбри одлуки и создавање држава што ќе напредува, наместо само да се бори за опстанок.
Осврнувајќи се на европската перспектива на земјава, Мицкоски порача дека Владата се залага за европска иднина, силни сојузништва и добрососедски односи, но без откажување од националното достоинство.
Тој нагласи дека македонскиот јазик, идентитет и историја се дел од националното наследство и дека европските принципи треба подеднакво да важат за сите држави.
„Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува“, порача Мицкоски, повикувајќи на национално единство околу стратешките цели на државата.
























