Поскапа струја за тарифните блокови 3 и 4?

ноември 23, 2023

Со неколку изјави на високи владини претставници, власта како да најави можно поскапување на струјата од 1 јануари, особено за тарифните блокови 3 и 4 од кои ќе бидат засегнати и фирмите, но и домаќинствата кои се греат на струја.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи најави дека можно е да прошират тарифниот блок 3 и тарифниот блок 4 за да се постигне намалување на субвенционирањето на струјата на 60% за наредната година. За Битиќи ова е одговор на препораката на ММФ за проширување на тарифните блокови.

„Со тоа опфатот ќе биде поголем за тие коишто трошат повеќе, а за најранливите категории, за луѓето кои вистински штедат електрична енергија, ќе остане ист тарифен модел, но и цената на електричната енергија т.е. евентуалната промена на цената на електрична енергија да не падне на товар на тие коишто се во првиот и вториот блок, туку кај тие што се во третиот и четвртиот блок, а тоа се поголемите корисници“, изјави Битиќи.

Наспроти ова, синоќа Марко Бисломоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика изјави дека нема да има промена на опсегот на четирите блок тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„РКЕ го носи тарифниот систем и кажува во кој опсег ќе се блок тарифите. Да, има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена“, рече Бислимоски.

Тој нагласи дека намалувањето на субвенциите што ги даваше Владата за електричната енергија е логичен след затоа што, како што рече, оваа година, по завршувањето на грејната сезона немаме потреба од ТЕЦ Неготино и големите набавки завршија. Воедно, додаде, имаме и постабилна и попредвидлива состојба со цените на електричната енергија на берза.

„Имаме постабилна ситуација во однос на цената на струјата на слободниот пазар кај нас и во регионот, кога може да се купи струја на слободниот пазар. Во тој дел потребите кои требаше да ги обезбеди ЕСМ за универзалниот снабдувач, за малите потрошувачи и домаќинствата, загубите во дистрибутивната и преносната мрежа, сега се обезбедуваат на слободниот пазар по цени кои се многу пониски. Оттука се должи тоа што се намалуваат субвенциите за ЕСМ. По лошата 2021 година ЕСМ го зголеми производството на струја во 2022 и очекуваме годинава да биде над четири милијарди киловат часови“, посочи Бислимоски.

За македонските екперти неопходно е да се оспособат домашните енергетски капацитети да произведуваат доволно струја за задоволување на потребите на регулираниот пазар со сегашните цени на струјата која ја нуди ЕСМ.

„Ако се зголеми цената на струјата за последните два тарифни блока би биле засегнати домаќинствата кои мораат да се греат на струја, а кои користат термопечки или различни видови на панели и други грејни тела и кои не внимаваат кога ги вклучуваат. Поради ваквите услови на потрошувачка дел од граѓаните кои се на долната или горната граница на тарифниот блок 3 лесно можат да преминат во тарифниот блок 4, а со тоа да плаќаат повисока цена на струјата, ако овие грејни тела ги вклучуваат во периодот на скапа струја, односно дење. Дел од овие домаќинства се со просечни примања, па тоа ќе се одрази на нивниот буџет. Оваа најава, сепак ќе ги засегне повеќето фирми кои се на регулиран пазар кои работат дење и користат вакви уреди за загревање“, вели професорот Ристо Цицонков во изјава за Плусинфо.

Со ваквото поместување на границата може да дојде до тоа во тарифниот блок 3 да влезат голем број домаќинства кои може да се каже дека се сиромашни и нема да можат да ги плаќаат сметките за струја.

Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“ смета дека владата се обидува да ја надомести штетата врз буџетот од повисоката такса за гас наметната од Бугарија иако процентот на струја која се произведува од гас во земјава е низок.

„Најверојатно се планира да се спојат тарифните блокови 3 и 4 и тие да плаќаат повисока цена на струјата за да се плати повисоката такса за гас определена од Бугарија. Од гас кај нас се произведува околу 20% од вкупните количини струја која не е од ЕСМ, туку од приватна компанија која струјата ја продава на слободен пазар. На тој начин една категорија граѓани кои и не се така богати, ќе бидат принудени да плаќаат повисока цена за струјата од сегашната“, вели Ненов.

Актуелните тарифни блокови ја опфаќаат следната потрошивачка на струја:

Тарифен брок 1 – од 1 до 210 киловатчасови;

Tарифен блок 2 – од 210 до 630 КВч;

Tарифен блок 3 – od 631 do 1.050 КВч;

Тарифен блок 4 – над 1.050 КВч.

Во тарифен блок 3 сега се опфатени 4 отсто од домаќинствата, а во тарифен блок 4 – 3 отсто од домаќинствата.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ