ПОПИС 2021: НАЈМНОГУ ЖИТЕЛИ ЗА 20 ГОДИНИ ИМА ЗАГУБЕНО СТРУМИЦА!

април 6, 2022

Скопскиот регион е единствен од сите осум статистички региони во државата каде во последните 20 години има раст на бројот на жители, домаќинства и станови. Во него живеат 33,04 проценти од вкупното резидентно население во земјава и е најгусто населен со 334,99 жители на километар квадратен.

Југоисточен регион

Југоисточниот регион се протега на 2 739 квадратни километри или 10,9 проценти од територијата на државата, а во него живеат 148 387 луѓе или 8,07 отсто од вкупното резидентно население. Тој е петти по територија, а се наоѓа на претпоследно, седмо место по бројот на население. Со 54,1 жител на квадратен километар е на четврто место по густина на население.

Во споредба со 2002 година регионот има загубено 23 029 жители, што е по 8,4 жители на квадратен километар или 13,43 проценти. Во 2002 регионот, исто така, бил на седмо место со 8,47 отсто од вкупното население во државата.

Пад на населението има во сите десет општини. Најмногу во Ново Село – 39,73%, Конче – 22,94%, Босилово – 19,30%, Богданци – 15,71%, Радовиш – 14,59%, Василево – 12,95%, Валандово – 11,62%, Дојран – 9,98%, Струмица – 8,56% и Гевгелија – 6,12%.

Во апсолутни бројки, најмногу жители за 20 години има загубено Струмица – 4 681 или по 14,5 жители на квадратен километар. Додека населението се намалувало, бројот на домаќинства за 20 години е зголемен за 8,64 проценти, а бројот на станови за 24,97 проценти.

Ново Село за 20 години има загубено 4 595 жители и 332 домаќинства, но сепак бројот на станови е зголемен за 2 100 или 33,56%. Тоа значи дека во регионот, иако процентуално најмногу се иселувале од Ново Село – 39,73%, тука и се градело најмногу – раст од 33,56%.

За 20 години, иако бројот на жители во регионот е намален, бројот на домаќинства има раст од 5,39%, а бројот на станови за 20,23%.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: