Македонците сакаат тазе испечен леб, но алармантниот недостиг на пекари ги тера производителите да размислуваат за иновативниот тренд на таканаречените „банкомати за леб“. Засега такви автомати нема во државава, но Горан Ѓорѓиевски, сопственик на „Специјал“ и претседател на Агробизнис комората при ССК, вели дека вреди да се размислува за оваа идеја. Дотолку повеќе што откако неделата е прогласена за неработна, пекарите кои произведуваат леб и пецива, тогаш смеат само да печат, ама не смеат да продаваат. Секторот што смее да работи во недела е производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, а најголемиот дел од нив не се регистрирани со таа шифра, потсетува Ѓорѓиевски. Според тоа, ако во недела сакаат да купат тазе леб, бурек, кифли и други печива, на граѓаните им останува опцијата за пекарските оддели во шопинг моловите.
-Таканаречените „лебомати“ стануваат тренд во пекарската индустрија. Ова е поврзано и со растечката појава на недостиг на кадар во пекарската индустрија, не само во регионот, туку и пошироко. Сум размислувал за таквата идеја, бидејќи таков апарат би можел да се постави на отворен простор и би се намалил потрошувачкиот притисок особено во неделите. Од друга страна, тоа би било добредојдено и поради намалување на трошоците во работењето. Овие апарати веќе ги има во Хрватска, а за нив се размислува и во соседна Србија. Тие се полнат на ист начин како другите банкомат апарати за пијалаци, грицки и слатки, а може да се плаќа и во кеш и со картичка. Не знам каков би бил интересот на нашите граѓани, кои се повеќе насочени кон традиционалниот леб од пекара – објаснува Ѓорѓиевски.
Експертите велат дека многу е мал интересот кај младите да работат како пекари или бурекчии, а уште помалку се заинтересирани да отворат свои пекарници. Просечната старост на вработените во пекарската индустрија секојдневно се зголемува и веќе достигна 60 години, а неретко повторно се вработуваат веќе пензионирани лебари. Сосптвениците на некои скопски пекарници, велат уште полошо е што најголемиот дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат и со тоа да се компензира недостигот на кадар. Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, па дури и разносувачи на леб, па огласите со високи плати се постојано отворени. Во малата и микропекарска индустрија стопанствениците имаат проблем да најдат пекари и бурекчии. Претходните анализи на Стопанската комора покажаа дека постои огромна дупка за квалификувани работници, а како што лани посочи Наташа Јаневска, експерт во СКСМ, ќе поддржат дел од нивните членки преку преквалификација и доквалификација за бараните вештини.
-Почнуваме со обука за пекари во соработка со пекарницата „Пастел“ која се соочи со потребата од обучен кадар. Станува збор за верификувана, модуларно дизајнирана програма, изработена на нивно барање, која содржи теоретски и практичен дел. Лицата ќе бидат обучувани од искусен практичар, додека трае обуката ќе добиваат парични средства, а потоа, по завршувањето на обуката ќе бидат и вработени во фирмата – нагласи Јаневска.
Во Хрватска лебот од „лебоматот“ е хит!
Компанијата „Регинекс“ од Пазин, Хрватска, инсталирала девет машини за леб „Панисимо“ на подрачјето на Истра, а планираат да отворат пробни локации и во областа на Риека. Имање при рака свежи, висококвалитетни и домашни пекарски производи, достапни 24 часа дневно, е основната идеја зад иновативните станици за леб. Деновиве, кога е речиси невозможна мисија да се набави леб во недела во Хрватска, оваа компанија го нуди и во недела и согласно законот – од машина за леб. Во „лебоматите“ има шест видови леб и шест вида колачи. Идејата е на компанијата Регинекс“, која произведува пекарски и кондиторски производи повеќе од 30 години и ги пласира преку сопствени канали за малопродажба и големопродажба во округот Истар, објави неодамна Пословни дневник.