По месото, месните и млечните производи и цените на овошјето и зеленчукот отидоа до плафон. Очигледно нив Владата заборави да ги замрзне, па трговците ја искористија можноста да ги зголемат. Граѓаните се гневни, велат дека со овие плати и пензии е невозможно да се преживее. Во маркетите, цените на зеленчукот и овошјето се вистински шок. За илустрација еден килограм пиперка-бабура се продава по цена од 279 денари, црвената пиперка 259 денари, доматите од 150 до 200 денари, килограм краставици 259 денари, младата зелка 90 денари, а спанаќот од 70 до 100 денари за килограм.
Револтот од скапотијата е сè поголем. Граѓаните велат дека со нивните плати и пензии не можат да си дозволат да купат ниту домашни македонски производи, односно пиперки и домати кои се составен дел на речиси секое македонско јадење.