ПЕРСОНИФИКАЦИЈА: ИЗЛОЖБА НА ЦРТЕЖИ НА СТЕФАН ЈАКИМОВСКИ ВО СТРУМИЦА!

ноември 17, 2022

На 18ти ноември 2022 година во Бар „наГоре“ со почеток во 21:00 часот ќе биде отворената третата самостојна изложба на Стефан Јакимовски – Персонификација.

Овие цртежи во голем дел во самата основа се графики кои потоа се доработени со рапитографи и маркери со цел да ја добијат последната форма. На изложбата ќе бидат претставени 12 дела кои се работени за време на неговите студии, како потенцијални скици за идни дела, а потоа доработени со соодветна техника и материјали за да бидат категоризирани во ликовната дисциплина цртеж.

Тематиките кои се застапени се најчесто конфузно и елементарно сочинети од најразлични детали, симболи и интервенции кои формираат целина. Претставуваат соодветна метафора на хаосот во кој живееме секојдневно, испреплетување на емоции и моментални умствени премрежја. Небаре извадени од тефтерот на уметникот, препознаени како doodles, тие не секогаш имаат задача да пренесат конкретна порака, но се обидуваат да внесат ред во просторот на хартијата и истовремено да пренесат збир од најразлични доживувања на светот, но и внатрежнитесостојби на човек кој е во потрага по одговори за животот кој го опкружува.

Навидум едноставни на прв поглед, тие пленат и се обидуваат максимално да го окупираат вниманието на гледачот/ посматрачот. На моменти целосно апстракни, додека да почнеш да ги откриваш деталите кои го ангажираат цртежот во својата уникатност и неповторливост.

Во време на брзо живеење, да се биде креатор, но и сведок на концизни, збиени, а навидум детски и искрени цртежи, кои во својата структура кријат заборавени приказни е навистина уникатна прилика.

Изложбата се организира како соработка меѓу Здружението за развој и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ и бар „наГоре“.

______________________
Стефан Јакимовски е роден 1993 година. Основно и средно училиште завршил во Крива Паланка, а дипломирал графика со сценографија на Факултетот за ликовни уметности „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 2016 година, во класата на проф. Славица Јанашлиева. Во моментот е на магистерски студии каде ги раздлабочува и експериментира со мултимедијалните техники кои се тема на неговата дипломска работа. Има реализирано две самостојни изложби, учествувано на десетина домашни и меѓународни изложби и неколку ликовни колонии. Ова е негова трета самостојна изложба.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ