Транссексуалците можат да бидат кумови за крштевање и свадба и можат самите да се крстат, соопшти денеска Ватикан, одговарајќи на прашања на еден бискуп.
Дикастеријата за доктрината на верата не даде јасен одговор на прашањето дали истополовите двојки можат да крстат посвоено дете или дете родено од сурогат мајка.
Бискупот Хозе Негри од Санто Амаро, Бразил, во јули испрати шест прашања до ова тело на Ватикан за ЛГБТ заедницата и нивното учество во тајните на крштевањето и бракот.
Трите страници прашања и одговори беа потпишани од шефот на Дикастеријата, аргентинскиот кардинал Виктор Мануел Фернандез, а на 31 октомври ги одобри и папата Франциск. Тие денеска беа објавени на порталот на Дикастеријата на италијански јазик.