Овогодишното 14-то издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи од 26 до 29 јули, во Амфитеатарот во Струмица, под мотото „Кратки резови“.
За „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“, како и за „Старозлатниот проектор“ и за наградите „Ацо Алексов“ и „Ѓорги Абаџиев“ ќе се натпреваруваат следниве 24 кусометражни филмови: „Бродоломник“ на Сабрина Маренго, „Водата“ на Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, „Врне“ на Чиро Д’Емилио, „Двоен живот“ на Јоб, Јорис и Мариеке, „Доверба“ на Јулијана Нojхубер, „Егзодус 20“ на Јана Недзветскаја, „Еден мал чекор“ на Боби Понтилас и Ендру Чесворт, „Жолта“ на Ивана Шебестова, „И што вели летото“ на Пајал Кападија, „Исповедта“ на Естебан Фонт Ројо, „Jа потпишав петицијата“ на Махди Флеифел, „Кожа“ на Гај Натив, „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов, „Лимерентност“ на Оливер Пич, „Маркет Плејс“ на Аник Кристијаенс, „Ноќ во градината“ на Маршал Кари, „Од високо“ на Дон Вестлејк, „Писма“ на Александер Саварски, „Последната бура“ на Лијам Сент-Пјер, „Различни“ на Христина Белоусова и Данте Рустав, „Стар закуп“ на Висенте Барела, „Тек“ на Марија Грација Гоја и Робин Петре, „Фови“ на Џереми Конт и „Човек-миленик“ на Марзиех Абрарпајдар.
Покрај ова, ќе има специјални проекции и на филмовите „Четирипати“ на Микеланџело Фрамартино, „Љубовта е сè“ на Ким Лонгиното и „Хај-фај“ на Владимир Блажевски, а ќе се одржи и традиционалната лауреатска беседа во Велјуса.
Наградата „Астер“ за исклучителни достигнувања на отворањето на фестивалот ќе му биде доделена на македонскиот филмски и ТВ-актер Данчо Чеврески, а почесно признание ќе добие и документаристката Ким Лонгиното, на која плакетата ќе ѝ биде врачена во Велика Британија.
„Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица и од Агенцијата за филм.