Македонската Влада ќе побара заем од Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) во висина од 50 милиони евра со цел поддршка на малите и на средните претпријатија. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека барањето е веќе доставено до банката и се очекува до крајот на овој месец да се финализираат условите, а до крајот на годинава да бидат и одобрени.
– Оваа нова кредитна линија е токму насочена кон поддршка на малите и на средните претпријатија и дел од широката лепеза проекти на кои работи Владата и со други финансиски институции, а со цел да се поддржи нивната ликвидност и зелените инвестиции во период на криза – рече министерот Бесими.
Средствата ќе се пласираат преку Развојната банка и тие се надополнување на веќе постојните производи, кои со поддршка од Владата се пласираат преку Развојната банка, а се насочени кон поддршка на компаниите.
Исто така, Банката има одобрено грант од 1,1 милион евра од Фондот за зелени социјални инвестиции, со кој ќе се финансира поставувањето фотонапонски централи на училишните објекти во земјава, кои се реновирани, исто така, преку проект поддржан од оваа финансиска институција.