Бања Банско отвора ново поглавје во развојот на хотелскиот, здравствениот и бањскиот туризам со инвестиција вредна околу четири милиони евра.
На 44-годишнината од отворањето на хотелот „Цар Самуил“, свечено беше отворен новиот хотел „Косара“, кој е дел од хотелскиот комплекс „Terme Parilo“.
Зад оваа значајна инвестиција стои бизнисменот Никола Пандев, сопственик на хотелскиот комплекс и оперативен директор на „Жикол Холдинг“.
Новиот хотел располага со 130 легла во 53 сместувачки единици, сопствен ресторан и специјализиран оддел за медицинска рехабилитација.
Спојот на природната термална вода, современата медицинска опрема и стручниот медицински кадар ќе овозможи услуги за рехабилитација, третман и нега, надополнети со можности за одмор и релаксација.
Иако се наоѓа непосредно до хотелот „Цар Самуил“, „Косара“ ќе функционира како самостојна хотелска единица во рамките на комплексот „Terme Parilo“.
Со оваа инвестиција, Никола Пандев поставува нова основа за натамошен развој на медицинскиот и бањскиот туризам, но и за привлекување поголем број домашни и странски гости.
Отворањето на хотелот „Косара“ претставува значајно збогатување на туристичката понуда на Струмичко и чекор кон посилно позиционирање на Бања Банско како дестинација за здравје, одмор и рехабилитација.





























