До Редакцијата на Струмица Денес пристигна отворено писмо до Градоначалникот и Совет на општина Струмица од страна на дел од просветни работници во Струмица. Писмото ви го пренесуваме во целост:
Отворено писмо до Градоначалникот и Совет на општина Струмица
Проблемите со кои се соочуваат училиштата во Струмица, а веруваме и пошироко сакаме да бидат јавно разгледани!
Екипата на ‘вечни директори’ во Струмица, кои благодарение на Градоначалникот, претседателот на Советот на општина Струмица и двата просветни инспектори направија циркуз од училиштата. Каква е состојбата во училиштата, училниците, салите, наставниците, образовниот процес…? Зошто не дозволувате да се зборува за тоа?
Како просветни работници сакаме јавно да ВЕ прашаме?
– Како да ги образуваме и едуцираме нашите деца? Како да ги учиме на правила и дисциплина, на закон – кога секојдневно сме сведоци на криминалите и беззаконијата во училиштата и на ТИЕ кои им ги ‘заташкуваат’? До кога ќе не замолчувате, до кога ќе се соочуваме со притисоци?
На ниедна поплака, жалба и преставка немате дадено одговор, уште помалку –решение. Тоа е ваша законска обврска и должност, пред сите граѓани! Последните 20 години ситуацијата во училиштата станува се полоша и полоша! Немаме никаков статус и углед благодарение на ВАС. Партиските вработувања не уништија! Превработеноста во училиштата и лошиот менаџмент се ваша вина, за директорите воопшто да не зборуваме! Време е да ги сностите последиците на вашето работење!
Децата се најважниот сегмент на нашето општество, време е да разберете, не вашите велосипедски патеки и тендери! Училиштата одамна престанаа да бидат образовни институции –ВИЕ ги претворивте во штали!
Доста беше со молчење и прекривање, бараме да ни го вратите образованието на НАС – ПРОСВЕТНИТЕ РАБОТНИЦИ! Бараме секој што го прекршил законот да си одговара пред истиот, а и ВИЕ исто така! Бараме на наредната седница на Советот на општината да бидеме повикани –ние, наставниците, а не вашите верни и тивки директори! Заедно да ги разгледаме точките од образование кои зависат од општината, да почнеме од вработувањата и реонизацијата!
Бараме СВР Струмица и ЈО Струмица да ги објават истрагите за постоечките кривични дела на одредени директори, да спроведат истрага за преостанатите и да ги донесат пред законот ТИЕ кои го прекршиле!
Доста беше молчење, доста ни беше притисокот, доста со заканите! Бараме одговорност!
Од просветните работници!