НАЈАВЕН ПРОЕКТОТ „СТРУМИЦА – СМАРТ ВЕЛО СИТИ“ КОЈ ЌЕ СОЗДАДЕ ВЕЛОСИПЕДСКА ИНФРАСТРУКТУРА ВО ГРАДОТ!

јануари 17, 2022

Коста Костадинов, градоначалник на општина Струмица:

-Со посебно задоволство го најавувам тригодишниот проект „Strumica – Smart velo city” финансиран од Европската Унија кој содржи иновативно и ефективно решение за проблемите на урбаната мобилност со поттикнување на употребата на велосипедот како здрав, еколошки и економичeн начин на урбана мобилност.

Проектот создава велосипедска инфраструктура во Струмица и системски го воведува велосипедот како безбедно превозно средство на улиците низ градот. Содржи многу активности за изградба и обележување на градски велосипедски патеки како надоградба на постојната сообраќајна инфраструктура во должина од околу 13 километри, набавка на опрема за нивно одржување, развој на портфолио на дигитални услуги, кампања за поттикнување на користењето на велосипеди и за промена на сообраќајната култура и други активности чија што цел е создавање на одржлив и паметен вело град. Вкупната вредност на проектот е околу 750.000 евра и ќе се реализира во периодот од 2022 до 2024 година.

Работиме на проекти од повеќе области и за сите целни групи, но посебно место во мојата визија за Струмица имаат младите, затоа што тие се иднината на нашата Општина. Заедно со нив ја посакуваме титулата Европски главен град на младите, што ја доделува Европскиот младински форум.

Oпштина Струмица, заедно со микрорегионот, ставајќи ги на располагање сите расположливи капацитети и со поддршка на граѓанскиот сектор и државните ресурси, ќе аплицира на повикот да се стекне со оваа престижна титула во 2025 година. Ова е одлична можност во период од една година Струмица да го презентира културниот, општествениот, политичкиот и економскиот живот на младите, рече градоначалникот Костадинов.

Тој информираше и за општинската поддршка на Старт-ап бизниси за млади и поддршката за ангажирање на 16 евидентирани невработени лица за вклучување во проектот „Лични асистенти на ученици со попреченост вклучени во редовен образовен процес“, а за кои Јавните повици се во тек.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: