Советникот во Советот на Општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Д-р Никола Маџунков, јавно алармира за како што вели, сè поочигледната и реална опасност од еколошка катастрофа која ѝ се заканува на Струмица, особено на ниво на почвата и водите во околината.
Според Маџунков, екологијата во Струмица мора да биде стратешки приоритет и да опфаќа три основни столба – чист воздух, чиста вода и чиста земја. Тој потсетува дека како земјоделски регион и центар за раноградинарско производство, квалитетот на земјата и почвата треба да биде неделив дел од политиките на локалната власт.
– „Струмица има сериозна потреба од модернизација, замена и подобрување на инфраструктурата на канализационата мрежа. Сите релевантни извештаи покажуваат дека постоечките цевководи се стари, дотраени и со недоволни димензии, што директно влијае на квалитетот на животот и на околината,“ истакна Маџунков.
Тој потсетува дека со пуштањето во употреба на Прочистителната станица во 2019 година, било предвидено 12 населени места да се приклучат кон неа. Но, и покрај тоа што поминаа неколку години, денес – ниту едно од овие населени места не е поврзано со системот за прочистување.
– „Во 21 век, Струмица нема прочистителна станица за ниту едно населено место! Сите фекалии од постоечките канализациони приклучоци завршуваат директно во одводните реки и канали, а од таму – во почвата“, предупредува советникот.
Додаде и дека во населените места каде што е изградена канализациона мрежа, не се дозволуваат нови приклучоци токму поради ризикот од уште поголема еколошка катастрофа. Според него, ова веќе не е само предупредување – туку се работи за постоечка или потенцијална еколошка катастрофа која тивко се одвива под земја.
Маџунков укажа дека последните четири години од буџетот се издвојуваат минимални средства за завршување на канализационата инфраструктура во населените места, нема подготвен план за нивно приклучување кон постојната Прочистителна станица, ниту има информации дали постојната станица воопшто има капацитет за овие 12 населени места.
– „Нема ниту визија ниту план за изградба на нови прочистителни станици за руралните населби кои не можат да се приклучат. Наместо да се решаваат овие суштински инфраструктурни проблеми, се градат бетонски ѕидови и пазари кои не се завршуваат со години,“ вели Маџунков.
Советникот заклучува дека приоритет на Струмица мора да бидат инфраструктурни проекти кои ќе ги подобрат условите за живот, а не козметички зафати со ограничен ефект.