На ФЕИТ почна 11-тиот Робомак натпревар!

мај 8, 2023

На Факултетот за електротехника и информациски технологии, денес, почна 11-тото издание на меѓународниот натпревар за роботика, електроника, автоматика и вештачка интелигенција – Робомак 2023.

Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ, ги мотивираше студентите да го практикуваат своето теоретско знаење.

„Како ФЕИТ секогаш сме насочени кон тоа наученото знаење да се примени во пракса уште во студентски денови. Една од овие можност е токму и организирањето на настан како што е Робомак, но и други студентски случувања. Ние силно ги поддржуваме сите активности на нашите студенти и ги мотивираме да создаваат технички умни решенија“, рече Ташковски.

„Оваа година ќе биде одбележана со суштински реформи засновани на клучните европски принципи на дигитализација на услугите насочени кон трансформирање на начинот на којшто граѓаните комуницираат со јавната администрација. Со дигитализација на јавните услуги ќе се намали времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација. Услугите ќе бидат достапни во реално време, транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето ќе бидат минато. Како резултат на тоа, дигиталната трансформација позитивно ќе влијае на дигнитетот и достоинството на граѓаните и на вработените во администрацијата“, порача Александар Бајдевски, заменик – министер за информатичко општество и администрација.

Во наредните неколку дена, учесниците преку работилници и предавања ќе се запознаат со роботиката и најновите научни достигнувања во областа и ќе го применат стекнатото знаење на вистински роботи. Потоа, ќе имаат можност да ги претстават своите решенија во натпреварувачкиот сегмент, кој ќе заврши во Кино Милениум со почеток во 18 часот на 13-ти мај 2023 година (сабота).

„Уверен сум дека многумина од Вас, драги студенти, ќе останат во нашата држава и ќе го вложат своето знаење. Ќе донесат меѓународни проекти, ќе работат на развој на технички решенија, ќе создаваат и креираат во Македонија. Токму како што тоа го прават вашите професори, вашите родители и сите ние што остануваме во земјава. Секако, ова не значи дека не треба да се движите во светот или дека не треба да разменувате знаења и искуства со колеги од други држави. Напротив, движете се, споделувајте знаења, стекнувајте искуства и сето тоа вложете го во иднината на Македонија, но и во иднината на целокупното човештво“, порача Никола Јанкуловски, ректор на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

РобоМак 2023 е организиран од Студентскиот огранок на ИЕЕЕ при УКИМ и Факултетското студентско собрание при ФЕИТ.
„Членовите на ИЕЕ се видни експерти во своите области, во академијата и индустријата. Со се поголем фокус на мултидисциплинарноста, тие се посветени да го направат светот подобро место за живеење. Посветеноста на членовите на хуманизмот и на зелените технологии се само неколку примери за ова“, рече Анастас Мишев, претседател на македонскиот огранок на ИЕЕЕ.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ