strumica denes logo

МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ АГАТАНГЕЛ: Законот за родова еднаквост е нова фарисејштина, и ништо друго -Тој во својата суштина е длабоко лицемерство, кое во име на слободата насекаде ги посадува никулците на смртта и непостоењето!

Автор:

Датум:

април 1, 2023

Автор:

Датум:

април 1, 2023

Од бескрајна слобода до бескраен деспотизам

Штом некој политичар или невладин активист ќе се повика на секуларноста на државата и ќе каже дека црквата треба да се држи настрана од некои битни општествени прашања, тогаш на сите ни е јасно дека во заднина подмолно се турка некој закон што вообичаено е спротивен на основниот морал и етика. Секуларноста по дефиниција е одвоеност на црквата и верските заедници од државата и се разбира никој од нас не го доведува тоа во прашање, но сепак, од осамостојувањето на Македонија до денес, некој упорно ја наметнува и злоупотребува оваа тема.

Секогаш кога црквата или нејзините претставници јавно ќе се изјаснат или барем ќе се обидат да искоментираат нешто што ги засега сите во оваа земја, како пепел по вулкан ни се фрла во очи токму оваа тема, која има цел да ги измести фокусот и вниманието на народот од основниот наратив што ни се предложува. Според заговорниците и поклониците на строгата секуларност, општественото уредување, и духовното здравје на нашата околина треба да им го препуштиме на некакви политички самозванци, кои патем се сметаат себеси за неприкосновени и специјализирани да коментираат, одлучуваат и да го контролираат сето она што посредно и непосредно нè опкружува. Црквата, според нив, максимум треба да биде декор во општеството, некаков безличен ентитет окован во ѕидините на храмовите, кому со закон, а по потреба и со пендрек, треба да му биде забрането и оневозможено да го каже своето мислење во јавниот простор.

Замолкнувањето на црквата не е некоја нова идеја, впрочем вака било отсекогаш. Истото тоа го правеле и моќните императори и кнезови, и обичните велможи и крвавите диктатори, но и т.н. демократи со сите нивни либерални сфаќања и идеологии. Тогаш кога немало да биде послушна црквата, почнувале прогонствата, физичките елиминации и подмолните дворски игри на државните врхушки. Ваква е структурата на оној што бива опиен од моќта, на горделивците, на оние што мислат дека знаат повеќе од другите, па затоа и имаат мал капацитет за соработка. Ваквите луѓе ги протеруваат од својот видокруг сите оние со кои априори не се согласуваат и спрема кои имаат предрасуди, па на секој чекор во старт ги шиканираат како небитни и помалку вредни. Од оваа основа почнува да се гради тоталитарниот дух. Вака, давејќи се во баналноста на злото, биваат оправдувани концентрационите логори и сите страдања на невините луѓе.

Живееме во време кога либерализмот е прогласен за божество. Неговата појдовна точка е бескрајната слобода, која на крајот неминовно завршува со невиден и бескраен деспотизам. Типичен пример за ова што го зборувам е новиот закон за родова еднаквост, кој моментално е во фаза на подготовка. Нему му кумуваат сомнителни невладини организации, заслужни за шареното лудило што со години нè прогонува, и државата, односно власта оличена во надлежната министерка, за која сум сигурен дека нема никаква лична идеологија, туку е контролирана марионета во рацете на добропромислениот и демонизиран западен прогресивец.

Овде, скриено од очите на јавноста, се прават обиди да биде преструктурирана не само перцепцијата за светот и човештвото туку и сето она што е од Бога дадено како природен закон. Она што од почетокот, од самото божјо создавање е утврдено и благословено, сега треба да се поништи и повторно да се пресоздаде. Мажите не се повеќе мажи, жените не се повеќе жени, а родот и полот не се природна зададеност, туку се лично и субјективно сознание.

Малку иронично, но на крајот ќе излезе дека кумот е најголемиот злосторник, бидејќи без дозвола на крштевката избира машко или женско име, со што трајно го определува родовиот идентитет.

Комично, но лудоста секогаш на крајот завршува во бесмислата. Овие луѓе, водејќи се од своите месијански заблуди, изгледа не се ни свесни во каков експеримент ни го втурнуваат општеството. За да се спроведе ваков радикализам, чесно би било претходно да биде покажан и презентиран барем еден добар пример, кој колку толку ќе биде проверен низ искуството, пред да ни бидат заразени децата со неговата содржина. Работата е сериозна, овде воопшто не станува збор за некакви човекови права, туку за отворено спротивставување и на Бога и на природата. Нека не нè замајуваат со некакви феминистички идеали, со некакви исправања неправди од минатото. Овде намерата е сè да биде помешано и општеството да се доведе во хаос, а налудничавоста и настраноста да ја победат нормалноста.
Што да очекува нормален човек од зацарената лудост, која во својот закон ќе предвиди стриктни казни и репресии? Се разбира, секој што ќе има спротивно мислење од утврденото ќе биде гонет и прогонуван. Прогонот ќе биде озаконет, христијаните ќе бидат повторно по пропис распнувани на крст, а модерните фарисеи ќе си го манипулираат новиот Понтиј Пилат, кој иако е донекаде свесен за неправдата што неминовно ќе мора да ја спроведе, сепак церемонијално, пред очите на целиот народ, ќе си ги измие рацете. Ова ќе биде нашето секојдневие кога конечно гревот ќе се озакони.

Законот за родова еднаквост е нова фарисејштина, и ништо друго. Тој во својата суштина е длабоко лицемерство, кое во име на слободата насекаде ги посадува никулците на смртта и непостоењето. Од спроведувањето на овој закон единствена добивка ќе имаат неговите творци и идеолози, кои во име на ситен и гнилежен профит се подготвени да го претворат во духовна депонија целото македонско општество. Тие ќе си профитираат, а нам за век и веков ќе ни бидат извалкани и рацете и душата. Затоа, итно е потребно на ваквите луди, непроверени и погубни експерименти одлучно да им застанеме на патот. Пред плиткоумноста, наивноста и глупоста не треба да се молчи, па макар биле искажани и од една министерка.

Покрај сите шокантни настраности со кои е наполнет овој закон, најмонструозна е одредбата дека дури и малолетници ќе имаат право непречено да си го определат полот. Не просто да си го сменат, туку да си го определат. Со ваков човечки распад досега не сме се сретнале. Оние што треба да одлучуваат и да гласаат за овој закон нека си се прашаат: Ќе му одобрам ли на своето дете самото да појде во полиција и да си го промени изводот? Најпрво нека бидат чесни пред себеси, па потоа нека одлучуваат за сите нас. Интенцијата на овој закон не е да унапреди некои запоставени права, туку напротив, ќе им нанесе неправда на сите оние што барем малку држат до основната етика и морал. Сите ќе бидат повредени: и мажите и жените, и старците и децата.

Единствениот мотив на нашите политичари што сакаат на мала врата и нечујно да ни го протнат овој закон е да ѝ се додворат на Европа и да покажат дека ние сме поголеми Европејци од нив. Ваков мотив може да се крие само во духовен и интелектуален провинцијалец, кој излегува покомичен од жабата што ја крева својата нога гледајќи како го потковуваат коњот. Но нам добро ни е познато дека целта на овие демонски операции е да се земе душата на народот, да се завладее и манипулира со неговата свест. Народот треба да биде ставен во целосна покорност и апатија, да му се уништи сеќавањето, да му се одземат сите негови проверени уверувања, секоја негова традиција, неговата чиста вера. Дури тогаш некој ќе може успешно да владее и со умот и со телото, во секоја смисла, и во духовна и во материјална.

Црквата секогаш им била верна и кротка мајка на Македонците, таа низ историјата воопшто не се плашела да си ги каже своето мислење и постојано во доброто да го упатува својот народ. Црквата е совест на македонскиот народ и нема страв од никого, освен од Бога. Нашиот темел во изминатите две илјади години се спасоносните евангелски начела и добропроверените духовни примери на светите отци. Нас христијаните ништо не може да нè изненади. Ние сме подготвени на сè. Знаеме дека кнезот на овој свет го мрази човештвото, кое е создадено според образот божји, и дека никогаш нема да престане со своите клевети, напади и исмевања. Но Бог е голем, Он нема да дозволи да погине ниту едно од Неговите најмали созданија.

Митрополит повардарски Агатангел (Станковски)
колумна за весникот Нова Македонија.