Текст на Митко Бојаџиски:
КОЈ ГО УБИВА ВЕЉУШКИОТ ВЕТАР
Струмица се дави во отров. Мерните станици покажуваат и десет пати позагадено од дозволеното. Има повеќе сериозни причини за тоа, но сега ќе се фокусираме на една. Најважната според мене и многумина други.
Струмичани добро знаат колку е важен вељушкиот ветар за градот. Колку значи само кога пирка, кога само малку се движи. Доволно е само толку за да ги разнесе отровите од градот. Кога го нема, штетните честици се таложат и тогаш имаме повеќекратно загадување на воздухот. А тоа значи болести и смрт. За жал, по линијата на ветрот сега веќе има изградено многу згради и вељушкиот ветар е сериозно осакатен. Многу струмичани се револтирани поради тоа.
Дали некој има направено студија или експертиза за важноста на вељушкиот ветар пред да почнат таму да се градат згради? Да се утврди дали воопшто смеат да се градат на делот на бившата касарна или не, ако се градат, под кој агол, на колку спратови, на кое растојание една од друга… Зошто е важна таа студија? Затоа што зградите што се начичкани таму, ќе останат засекогаш и ќе бидат траен проблем. Со секоја новоизградена зграда ситуацијата во градот ќе станува се поочајна. Дали знаете дека струмица годишно има само 60 незагадени денови? Со новиот ГУП што го има изготвено општината е предвидено да се изградат уште 6000 станови од кои еден добар дел исто така ќе бидат во делот на бившата касарна, односно ќе бидат брана помеѓу вељушкиот ветар и градот. Така Струмица трајно ќе стане гасна комора во која нема да биде препорачливо да се живее.
Според македонските власти и СЗО годишно во државата умираат над 1300 луѓе поради загадениот воздух. Колку од нив се струмичани? Колку од нас умреле оваа година како последица од загадениот воздух? Сто, двесте? Струмица е екстремно загаден град на ниво на Европа и во светот. Кои сто, двесте од нас ќе умрат следната година, и следната, и следната? Срцев удар, мозочен удар? Здрав и прав си ојдел? Така му било пишано? Колку деца ќе се соочат со болести? Дали сме свесни за сериозноста на ситуацијата? А шо можеме да направиме?! Ништо?! Не е така. Можеме.
Одговорните за осакатувањето и убивањето на вељушкиот ветар имаат име и презиме. Како што ќе се начичкуваат зградите и ќе кулминира проблемот, се повеќе струмичани ќе сакаат да знаат кои се тие кои не доведоа до таква катастрофа, таквата реакција е природна и неминовна.
Да, можеме да направиме доколку не сакаме да се однесуваме како овци кои ги носат на колење! На пример, предлагам да го покажеме нашиот револт и да издејствуваме стопирање на секое понатамошно градење на згради на тој појас, а градоначалникот да ги разреши досегашните раководители на градежните сектори и да назначи нови кои ќе имаат нов менталитет, кои ќе се плашат од несреќата и гневот на своите сограѓани. Да назначи нови на кои ќе им биде поважен интересот и здравјето на граѓаните отколку интересот на градежниот бизнис кој треба да оствари профит на сметка на сите нас. Треба да се направи независна истрага што ќе утврди кој и поради кои причини е одговорен за оваа тажна ситуација.
Да се разбереме, од овој проблем не може да избега никој од нас што планира да живее во Струмица затоа што тоа е премногу важно прашање за секој од нас.
За потсетување: Според докторите, изложеноста на аерозагадувањето е поврзана со голем број на акутни и хронични болести. Може да доведе дo озбилни болести, па дури и смрт. Според нив во деновите на висока загаденост на воздухот, зачестуваат срцевите и мозочните удари, а може да дојде и до појави или влошување на состојбата на кардиоваскуларните болести и различни оштетувања на централниот нервен систем. Од метаболичните болести, најчест е дијабетесот. Најосетлива група се децата, бремените, хроничните болни и возрасните.