Мицкоски за „ФОКУС“ : Државата оди кон банкрот, власта мора да најде над 2 милијарди евра за излез од кризата!

септември 15, 2022

Референдумот инициран како одговор на францускиот предлог, енергетската и финансиската криза, политичките цели и амбиции, како и односите во рамки на опозицијата, се дел од темите за кои разговаравме со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски. Во интервју за „Фокус“, Мицкоски изразува увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира следната влада. Притоа, тој најавува повлекување од политиката, ако макар еден пратеник ја изневери неговата доверба

ФОКУС: Зошто со референдум одлучивте да одговорите на усвојувањето на таканаречениот француски предлог од страна на власта, што предизвика силна политичка поларизација и граѓански протести?

МИЦКОСКИ: Единствениот начин како може опозицијата да дејствува е преку референдумско изјаснување, друг начин не постои. Во современата парламентарна демократија може да спречите нешто само доколку го повикате народот да се произнесе и да даде свој став. Токму од тие причини се одлучивме за задолжителен референдум, а не како што беше со оној манипулативниот за Преспанскиот договор, кога имаше прашање со двојно значење. Референдумот и прашањето се многу прецизни и јасни, се однесуваат на изворот на сите проблеми, а тоа е билатералниот договор со Бугарија.

ФОКУС: Многумина противници на францускиот предлог заговараа борбата да се води преку интензивни протести, па дури и радикализација. Според нив, референдумот е невозможно да успее и ќе ги легитимира политиките на власта.

МИЦКОСКИ: Има и такви, кои претежно се инсталации на власта и имаат цел да заведуваат, а не да помагаат, па повикуваат на радикализација, насилство итн. Современата демократија, таков тип пресметки не познава. Водевме сметка прашањето да биде според Законот и надлежностите на Парламентот, за спикерот да нема изговор дека тоа не е во надлежност на Собранието.

ФОКУС: И во оваа формална иницијатива избегнувате да го користите уставното име. Зошто го правите тоа, со оглед дека веќе соопштивте дека го прифаќате Преспанскиот договор како реалност?

МИЦКОСКИ: Не е така. Законот за ратификација се однесува на Договорот што го потпишала Република Македонија и Република Бугарија, не се однесува на Договорот што го потпишала Република со новата придавка Македонија и Република Бугарија. Референдумското прашање се однесува за тој Закон – Закон за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан од Р. Македонија и од Р. Бугарија. Ние не можеме да го менуваме законот како нас ни одговара.

ФОКУС: Сепак, спикерот Талат Џафери одлучи да ја отфрли вашата иницијатива за референдум, не со образложение дека е неуредна, туку дека е противуставна. Како гледате на тоа?

МИЦКОСКИ: Талат Џафери во минатото имал многу улоги, а сега и противправно си ја додаде улогата на Уставен судија. Толкување на Устав е работа единствено на Уставниот суд. Прават правни гимнастики за да избегнат народ. Тоа што бегаат од соочување со народ кажува дека знаат дека ќе има излезност и знаат дека народот е против договорот кој е извор на асимилацијата што СДСМ и Димитар Ковачевски ја спроведуваат.

ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не ја менува содржината на договорот, туку го спори законот со кој тој се прогласува за важечки. Бегаат од референдум, но нема да избегаат од следниот изборен пораз, после кој следи одговорност пред законите и Уставот.

Целосното интервју може да го погледнете ОВДЕ.

ИЗВОР: ФОКУС

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ