МАРЈАН ДАСКАЛОВСКИ: Ќе ги искористиме сите можности за унапредување и развој на спортот – Струмица била, е и ќе биде град на спортистите и рекреативците!

октомври 5, 2021

Марјан Даскаловски, носител на советничката листа на СДСМ во Струмица:

Драги струмичани, почитувачи на спортот и рекреацијата, почитувани сограѓани.

Струмица има богата спортска историја. Имаме спортисти кои постигнале врвни успеси, како на индивидуален, така и на колективен план. Исто така, имаме и спортски клубови кои запишале врвни спортски резултати.

Сегашноста се гради, а иднината се планира со здрави луѓе. Токму затоа, на сите нас, спортот и рекреацијата треба да ни се инспирација и мотив за чекорење напред. Со нив се постигнуваат врвни спортски резултати, но се унапредува личното и колективното здравје. Токму нашиот град е непресушен извор на спортски таленти и љубители на рекреацијата, нешто кое дава гаранција за спортска иднина.

Во таа насока, нашата програма со сите предвидени проекти фокусирани на спортот има за цел да биде пријател и поддржувач на спортистите и рекреативците во Општина Струмица. Затоа, сите заедно како тим, ќе ја одржуваме постојната инфраструктура и секако, ќе работиме на проширување и осовременување на спортските капацитети.
Струмица е одбојкарски и шампионски центар. Има долга традиција на создавање спортски великани и освојување на шампионски титули. Затоа, ќе го направиме најдоброто за сегашните и идните одбојкари. Ќе изградиме Дом на одбојката во Струмица и дополнително, уште две одбојкарски игралишта.

Планирана е куглана, терен за стрелаштво, а имаме цел да ги ставиме во функција напуштените тениски терени. Со нова велосипедско‐рекреативна патека која ќе опфаќа и дел од руралните средини ќе овозможиме на љубителите на велосипедизмот да имаат уште подобри услови за рекреација.

Во рамки на градскиот парк ќе биде поставена тартан подлога и обележана атлетска патека. Планираме изведба на ново, повеќенаменско спортско игралиште на местото на картинг патеката, а „Воениот базен“ ќе биде преадаптиран и прилагоден со нови спортски содржини кои на струмичани ќе им дадат дополнителен поттик за спортување и рекреација.

Како носители на функциите во Локалната самоуправа во Општина Струмица ќе ги искористиме сите можности за унапредување и развој на спортот. Струмица била, е и ќе биде град на спортистите и рекреативците.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ