strumica denes logo

МАЈА КОЗАРОВА ДИМИТРИЕВА: Пролетно чистење за подобрување на вашето здравјето!

Автор:

Датум:

март 12, 2023

Категории:

Здравје, Струмица

Автор:

Датум:

март 12, 2023

Категории:

Здравје, Струмица

Автор: Маја Козарова Димитриева – основач на Maya Health Method и велнес тренер во Едем Велнес Центар.

Кога ќе се спомне пролетно чистење, сите помислуваме на чистење и преуредување на сопствениот дом. Нешто што дефинитивно ќе не направи среќни и спокојни, ќе го поедностави нашето секојдневие и позитивно ќе влијае врз нашиот имунитет!

Но, малкумина зборуваат колку е поголема важноста на телесното и духовното чистење, па затоа и постои пролетниот пост пред Велигден. За духовното чистење има толку многу што да се зборува, но таа тема ќе ја оставам за некоја наредна прилика.

Сега ќе ставиме акцент на важноста на телесното чистење за целокупното наше здравје.

За вистинската вредност на органската храната и козметика во современото општество многу не се зборуваше до скоро. Не знам колку сме свесни дека секојдневните комерцијални продукти кои ги користиме како козметика и нанесуваме на најголемиот наш орган, кожата, кои се полни со хемикалии, колку негативно влијаат врз нашето здравје. Како база во нивниот состав има нафтени деривати, силикони и парабени кои прават лажен мазен изглед на кожата, а всушност таа не може да дише, па доаѓа до различни проблематики.

Од друга страна, органската козметика се прави од масла, органски путери, кои се во склад со самата кожа, ја регенерираат и и даваат еластичност.

Се додека користев сапуни, гелови за туширање, парфемирани лосиони за тело и декоративна козметика со богат хемиски состав, имав константно проблем со иритации на кожата. Од недоволна информираност, мислев дека имам “проблематична кожа”, која колку и да ја негувам, ќе биде таква каква што е. Но, свеста околу оваа тема почна да ми се крева откако дознав дека сум бремена со првото дете. Почнав да истражувам по интернет и да се консултирам со фармацевти и дерматолози што смеам, а што не да користам во текот на бременоста, од козметика до суплименти.

Тогаш дознав колку хемикалии нанесуваме дневно ние на нашата кожа, кои сериозно му штетат на нашето здравје долгорочно. Кога се тушираме, нашите пори се отворени, па хемикалиите од средствата за туширање влегуваат директно во нашиот крвоток и ни предизвикуваат иритации, црвенило, чешање, или моментално ништо, но долгорочно го полнат со токсини нашето тело. Потоа сето тоа го запечатуваме со уште повеќе хемии од комерцијално млеко/ путер/ лосион за тело. Потоа ставаме комерцијални креми и декоративна козметика, од кои исто така примаме хемикалии, па на крај облекуваме чисти алишта. Е, околу алиштата и нивното перење па скоро воопшто не се зборува! Колку се штетни абразивните детергенти и омекнувачи на алишта, малкумина знаат. Па нели гледаме што се случува доколку бебе облечеме со третирани алишта со нашите вообичаени детергенти? Иритации безброј. Епа и за нас се подеднакво штетни, само сме ја истренирале кожата да ги прифати колку-толку после години користење.

Денес имаме достапно огромен избор на прекрасна чиста органска козметика и детергенти на природна база за сите нас. Моментот кога почнав да ја користам природната козметика , кожата ми стана далеку поубава, почиста, без иритации. Не можам да опишам колку се поголеми бенефитите од нетоксичните препарати. Плус, не чувствувате грижа на совест што и да користите додека имате мали деца, бидејќи ваквата чиста козметика никако не им штети. Повеќе информации околу предлог брендовите за органска козметика, ќе најдете на моите инстаграм и фејсбук профили @mayahealthmethod .

А за органската или барем храната полна жива енергија, наспроти процесираната храна, важноста е огромна да се едуцираме на темава! Брзиот начин на живот, немањето доволно време да готвиме, честите патувања и т.н. се едни од најчестите изговори за неправилната исхрана кај повеќето семејства.

Не можам да ви опишам колку лошата исхрана негативно влијае врз сите нас, посебно на децата во раст. Многу често слушам родители, дека супер ми се погодило моите деца да прифаќаат здрави варијанти на оброци. Меѓутоа, за да децата го прифатат сетоа тоа, многу се важни нашите навики како родители, бидејќи тие се наше огледало, нели? Нашите оброци се скоро секогаш прифатени од нивна страна, нашиот пример кој секојдневно им го наметнуваме за “нормален” начин на исхрана. Чувствуваат тие кога ги лажеме, колку и да се мали. Ако за нас одредена храна е превкусна, ќе биде и за нив, може не веднаш, но по кратко време ќе прифатат. Секојдневниот внес на многу зеленчук, овошје, јаткасти плодови, умерено здрави јаглехидрати и протеини, т.е. балансираната исхрана е од круцијална важност за нашето психофизичко здравје. Енергијата која ни ја дава балансираната исхрана секојдневно ни овозможува да бидеме максимално продуктивни, да се чувствуваме здрави и силни, високо да вибрираме и беспрекорно го одржува позитивното расположение во текот на денот. Како се чувствувате после обилен оброк со процесирана храна? Имате недостаток на енергија, чувствувате поспаност, губите концентрација и т.н. Сето тоа е нормално, бидејќи процесираната храна е мртва храна која нашето тело многу тешко ја обработува. Додека, храната полна со живот ни го дава токму спротивното. И да не заборавам, важноста на пиењето доволно вода во текот на денот, што исто така е многу значајно за нашето севкупно здравје.

Затоа, напролет е многу важно да се направи чистка на организмот, доколку немате секојдневно здрави навики, за да ја одржуваме добрата здравствена состојба. А таа Чистка, најдобро ќе ја направиме со секојдневно консумирање на избалансирани оброци полни сирова храна (по можност од органско контролирано производство), користење што повеќе козметика на природна база и пиење доволно чиста вода. Доколку на сево ова додадеме и спортување, редовно одење на сауна и парна бања, престојување на сонце и прошетки во природа секојдневно, ефектот ќе биде совршен!