Учебната година ќе почне утре и ќе трае до 17 јуни 2024. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири им посака успеси на учениците и наставниците и ги соопшти новините пред утрешниот почеток на 2023/2024 година.
Како што известуваше во претходните денови, ќе доцнат само учебниците за шесто одделение и тие ќе се распределуваат во училиштата штом бидат одобрени и се очекува да стигнат до крајот на септември. Учебниците за трето одделение, за кои како и за шесто годинава се прават нови учебници согласно новите наставни програми, се одобрени и се печатат така што во првата недела од септември учениците ќе ги добијат.
– Учебниците за трето одделение се одобрени и во тек е постапката за печатење и доставување. За сите предмети се одобрени и се во фаза на техничко-графичко регулирање и во печатење. Така што денес-утре, на почетокот од неделата, тековно ќе се доставуваат. Истото ќе се случи и со учебниците за шесто, кои се во напредна фаза на одобрување од Националната комисија за учебници. Потоа може да има жалбена постапка од одредени автори, но до крајот на септември тие ќе бидат доставени до сите ученици – рече Шаќири на прес-конференција по повод новата учебна година.
Во меѓувреме, на располагање ќе бидат помошни материјали кои ги изработи Бирото за развој за образование (БРО) за трето и шесто одделение наменети и за учениците и за наставниците и достапни во електронска форма на веб-страницата на Бирото.
Основците и средношколците првпат во оваа учебна година ќе имаат пролетен распуст од 29 април до 5 мај. Шаќири на прес-конференцијата ја спомена и новината за примена на нов е-дневник изготвен со поддршка на ЕУ преку ИПА-фондови. Тој е во фаза на тестирање и паралелно се прават обуки на администрација во 40 училишта во кои ќе се примени како пилот-проект додека се потврди неговата функционалност.