Како со збор би ја опишале Македонија денес?

март 6, 2024

Како би ја опишале Македонија? Ова е прашањето кое им го поставивме на дел од граѓаните, по што проверивме дали се во право и зошто се огорчени.

Ова е ставот на граѓаните. Државата е во лоша состојба. Остава впечаток на многу сиромашна држава. Да, Македонија дефинитивно не е богата земја, но не и толку сиромашна за да биде јавниот простор во катастрофална состојба.

Но, дали ваквиот впечаток на граѓаните е оправдан? Зошто странците кои ја посетуваат земјава речиси секогаш велат -Македонија држава се преубава природа, но зошто е се толку запуштено? За да провериме дали навистина е така најдобро е да ја видиме нашата земја низ очите на оние кои не живеат тука. Направивме симулација.

Патувавме од влез на Табановце па се до Скопје. Што видовме по пат и во каква состојба со највиталните објекти во државата?

Преполн контејнер со ѓубре и бездомни животни. Ова е буквално првата слика која ќе ја видат сите оние коишто влегуваат во Македонија. Ако се свртат на десно ќе видат огромни количества смет. Буквално каде и да погледнете има отпадоци. Ако при влез во другите државни, дури и во соседните, прво ќе ве дочекаат туристички билборди на кои се убавините на земјата, кај нас сликата е ова. Распаднати метални остатоци. Околу нив ѓубре. Пластични кеси спокојно се веат во неуредениот простор. Уништен е и првиот сообраќаен знак што ја покажува дозволената брзина. Неколку километри подолу е и патоказот за нашиот туристички бисер – Охрид. Гордо стои среде купишта отпад. И по него призорот на автопатот „Пријателство“ е ваков. По коловозот се движат и пешаци.

Се доближуваме до патарината во Куманово. Повторно смет. Искршени се таблите на кои се напишани цените. Вака изгледа првото место за одмор на патото кон скопје. Сликата е под секое достоинство.

Неколку километри подоцна гледаме цела дива депонија среде автопат. Огромни купишта смет. Странците се загледуваат во брдото градежен шут веднаш до нивите. Зачудени се од епохалната негрижа.

Патарината Миладиновци пред Скопје изгледа вака. Автопатот и на овој дел е полн со отпадоци. Патната опрема уништена. Полека влегуваме во Скопје – нашата метропола. Прво што се забележува е ова…

Правиме кратка обиколка на најзначајните државни и научни објекти. Се движиме кон македонскиот архитектонскиот бисер Национална и Универзитетска библиотека. На првите семафори вниманието ни го одвлекуваат питачите. Стигнуваме пред дворот на библиотеката. Оваа глетка не дочекува. Споменикот на Пере Тошев е претворен во јавен тоалет. Просторот мириса на урина. Скалите на дел од библиотеката изгледаат вака. Ова е и влезот на Координативниот центар за културна соработка. Призорот е повеќе од понижувачки. Измет насекаде.

Згрозените странци решаваат да ги видат двата најважни објекти во државата. Зградата на Собранието Македонија и Владата. Се надеваат дека тука барем ќе биде средено. За жал ова ќе видат. Собраниската зграда на земја членка на НАТО и аспирант на ЕУ е во состојба како се наоѓа на бојно поле. Целата фасада е со дупки. Дамки со боја го нагрдуваат објектот каде што е донесен првиот Устав, каде што практично е создадена независна Македонија. Избледеното државно знаме е поставено на рѓосан јарбол. Околината е како некој намерно да се трудел да биде што е можно по хаотично. Бизарна неуредност.

Се упатуваме кон зградата на Владата. Ситуацијата и тука е иста. Платото е распаднато. Вегетација ја добила битката со плочките. Во руинираните жардињери скапуваат растенија. Надлежните спокојно го следат процесот на распад. Се распаѓаат и скалите. Воопшто не се безбедни за движење. И дрвата пред самиот објект се целосно исушени. На странските делегации под овие остатоци од дрва им се интонираат химните при свечените дочеци …

Тука некаде и го завршуваме нашето мини патување … ова се сликите кои сè почесто се пренесуваат од Македонија … Ова е нашата реалност. Тоа што го видовме нека биде своевидно сведоштво за тоа што се случува кога не се грижиме за државата. Посетник пред се за политичарите, но е за граѓаните…

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ