Во хотелот „Вила парк“ во Струмица, вчера, по втор пат се одржа модната ревија „Убави сме, свои сме“ на која што учествуваа деца со попреченост од повеќе градови во Македонија, а придружувани од познати лица од повеќе области. Меѓу нив беше и градоначалникот Коста Јаневски, кој рече дека од денеска од неговиот речник го брише зборот хендикеп.
-Денеска се чувствувам многу горд кога гледам во мојата Струмица толку многу луѓе кои се подготвени да подадат рака, да ги срушат сите бариери и да помогнат. Јас од денеска од мојот речник го бришам зборот хендикеп. Во секој од нас има потенцијал кој само треба да го најдеме со сета своја енергија и сила. Утре е Ден на лицата со попреченост, но јас би го нарекол Ден на рушење на бариерите. Јас повеќе не признавам попреченост. Сакам сите заедно како на овој ден, сплотени да се избориме со сите можни бариери, физички, психички или било какви. Бариери во Струмица и нашата држава веќе не смеат да постојат. Да бидеме пример за сите, како може во една мала средина да се решаваат овие бариери, рече градоначалникот Јаневски.
Модната ревија „Убави сме, свои сме“ се одржа во организација на здружението на деца со даунов синдром „Вера“ од Струмица.