ИСТРАЖУВАЊЕ: Младите во Македонија тешко се одвојуваат од тато и мама!

март 12, 2024

Голем број млади во Македонија продолжуваат да живеат со своите родители и откако ќе наполнат 30 години, па дури и откако ќе се оженат или омажат и откако ќе формираат свое семејство.

Оваа појава, која се забележува и во други земји, несомнено предизвикува размислување за причините и за последиците.

Според последните истражувања, процентот на млади лица во Македонија кои живеат со своите родители изнесува повеќе од 83%. Интересно е тоа што овој процент се одржува стабилен веќе од 2010 година, без значителни варијации.

За многумина, оваа ситуација е резултат на беспарицата и сиромаштијата.

Младите се соочуваат со предизвици при стекнување стабилни работни позиции и добри плати кои ќе им овозможат независен живот.

„Моите син и снаа веќе 2 години живеат во истата куќа со нас, па дури и делиме ист ручек. Снаата е невработена, а синот работи за минимална плата од 24.000 денари. Немаат доволно примања за да си дозволат живот под кирија. Секако дека не ни пречат, иако понекогаш си разговараме со сопругата дека ние повеќе им пречиме. Но, нема каде да одиме, тоа е сè што имаме. Свесен сум дека младите си сакаат свој простор, понекогаш сакаат да си повикаат и пријатели на гости, но засега така стојат работите“, ни изјави 52-годишниот Бошко Митковски од скопската населба Хром.

Филип Влајковиќ од Драчево, пак, вели дека живее заедно со родителите на неговата вереница и дека воопшто не му пречи оваа привремена ситуација.

„Живеам заедно со својата вереница Магдалена, но и со нејзините родители. Во куќата на моите родители нема доволно место, па бевме приморани да се сместиме во станот на родителите на вереницата. Таму ќе останеме сè додека не застанеме цврсто на нозе финансиски и да можеме да си дозволиме да плаќаме кирија или да земеме кредит за да купиме стан“, објасни Влајковиќ.

Ништо поразлична не е ниту состојбата во земјите од регионот, а особено висок процент на млади кои сѐ уште живеат со своите родители има во Србија, Хрватска, Грција и во Бугарија.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ