ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОСТА ЈАНЕВСКИ ГИ ПОЗДРАВИ УЧЕСНИЦИТЕ ВО НАСТАНИТЕ НА ОЛИМПИСКИОТ ДЕН ВО СТРУМИЦА!

октомври 11, 2019

Градоначалникот Коста Јаневски, попладнето ги поздрави учесниците во настаните на Олимпискиот ден во Струмица во спортската сала на СОУ ,,Никола Карев”, а кој што се одржа во организација на Македонскиот олимписки комитет, Општинскиот сојуз на училишен спорт – Струмица и Општина Струмица.

-Колку е важен спортот за младите и не е потребно посебно да се истакнува. Тоа се подразбира само по себе, особено денес кога младите се исправени пред опасностите кои ги демнат, а тоа се пороците на 21. век. Спортскиот живот е најдобриот противник на тие пороци, и како таков секогаш на крајот излегува како победник. Затоа вреди секогаш да се потсетуваме на изреката – „Во здраво тело, здрав дух“, бидејќи таа гарантира правилен развој и живот по мерка на секој поединец.
Од друга страна треба да знаеме дека „олимпизмот“ е и нешто повеќе од спорт. Тој значи и пријателство, разбирање, толеранција и почитување, нешта кои треба да одат рака под рака со спортот. Во таа насока е и олимпиското движење во целиот свет, па така треба да биде и кај нас. Затоа драги ученици – млади спортисти, спортувајте, натпреварувајте се, но секогаш почитувајте ги и другите, затоа што тие не ви се противници, туку пријатели. И за крај, имајте ја на ум пораката на „таткото на олимпизмот“ Пјер Де Кубертен: „Не е важно да се победува, туку да се учествува, рече градоначалникот Јаневски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ