strumica denes logo

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО НАРОДНАТА ПЕСНА: Народот го сметал за божество, а името му станало легенда уште додека бил жив!

Автор:

Датум:

август 2, 2024

Автор:

Датум:

август 2, 2024

Strumica, Macedonia - June 21, 2018: Monument of Gotse Delchev at the central square of town of Strumica, Republic of Macedonia

Автор на текстот во продолжение е проф. д-р Марко Китевски.

Во животот на македонскиот народ песната имала важно место, особено во тие тешки времиња на ропство и револуционерни движења за ослободување од тоа ропство. Тогаш на нашиот народ песната му била и химна и молитва, зашто како што запишал Кочо Рацин таа не стигнува до разумот туку „одеднаш го погодува срцето, оти од него и изникнала.“ Кочо Рацин уште има запишано дека „сето она што не могло во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе, го нашло своето место во песната.“ Македонскиот народ низ вековите многу нешто не смеел слободно да каже, многу нешто морал да крие длабоко во душата и затоа нашата песна е толку убава, толку богата со мотиви, содржини, со слики, со музички решенија. Затоа и како текст и како мелодија стои на исто рамниште со најзначајните светски достигнувања и во поезијата и во музиката.

Еден антички филозоф од третиот век по име Тинкторис, има запишано дека целта на музиката е да го восхитува Бога, да го прогонува ѓаволот, да лечи болни и да предизвикува љубов. Нашата народна песна на најубав начин тоа го постигнува. Зашто со таа песна низ вековите се живеело, ама со неа и се умирало.

Останало забележано дека по Берлинскиот конгрес (1878) како реакција на решенијата со кои на соседните народи им било дадено правото да формираат свои држави, а за Македонија било решено да остане во составот на Отоманската империја, била испеана песната во која се проколнува Европа, блудницата вавилонска.

От врх Пирин планина,

отчајан глас се чува-

Македонија плаче,

ридае и проклина,

Европа цела псува.

Проклета и триж клета,

да бидеш ти Европо,

блуднице вавилонска,

крвнице македонска. ..“

Останало запишано дека автор на оваа песна бил стариот револуционер Раздолов (дедо Раздолчо, како што го викале) и дека околу 1884 година оваа песна била многу популарна во Битола и во битолскиот вилает пошироко.

Јосиф Чешмеџиев пред нешто помалку од сто години (поточно во 1926 г.) укажуваше: „Ние Македонците без песна не можеме. И ја сакаме, силно си ја сакаме родната песна, како наша, блиска, разбирлива – како јазик, кој говори за нашето минато, за нашево сегашно време и ја крие во себеси моралната и духовната моќ, потребни за утрешниот ден.“ Овој Чешмеџиев уште тогаш предупредуваше: „Да ја чуваме и пееме нашата народна песна, зашто е сила, и, додека ја чуваме, ќе живее силниот дух на нејзиниот творец – народот.“

Дека песната не треба да се заборава во своите спомени ни сведочи и Пeтар Манџуков, еден револуционер од скопското село Мирковци, внук на владиката Натанаил Кучевишки, познат и како владика Охридски, во тоа време владика Пловдивски. Тој пишува дека еднаш кога се вратил од обиколка низ Македонија и кога вујко му го видел така облечен во селска облека го прашал каде бил. А кога овој му кажал дека со четата на Гоце цела година шетал низ Македонија, дека бил во Серско, Драмско, Разлог, Демирхисарско, Зилјаковско, а сега доаѓа од Неврокопско, вујко му го запрашал: „Таму паметат ли… го паметат Кресненското Востание, ја паметат ли автономна Македонија?“, на што Манџуков му одговорил: „Паметат и ја споменуваат често. Во Горно Броди, Серско ја пеат песната за Стојан војвода од селото Старчишта.“ Манџуков натаму сведочи: „Веѓите на вујко ми се подигнаа и тој проговори како да зборуваше за себе: „Пеат – тоа е добро. Ништо не е загубено штом му се пее песната. Народот не ги заборава своите песни.“

Навистина што може песната? Зошто пееме и кога се радуваме, кога сме весели, но и кога сме тажни?! Песната може да утеши, да поттикне, да мобилизира, да создаде атмосфера, да го подигне расположението. Еден современик на Гоце Делчев вели дека еднаш кога запеале револуционерни песни „расположението достигна таков степен што сите сакавме веднаш да пресретнеме некоја турска потера, „да ја пресретнеме со презир смртта и да ја победиме“, како што ни велеше Гоце.

Но песната може и да прекори и да проколне. Низ песна народот ги колнел злосторниците, но и предавниците: Митре Гинката, што го предал Турунџе, Петре Лигушо што го предал Сугаре, Коте од Руља што предал многумина, а на Лазар Поп Трајков и главата му ја пресекол и му ја однесол на грчкиот костурски владика Каравангелис, за 50 турски лири. Народната песна опеала уште многу, многу други предавници презрени и проколнати од народот.

Предаден е и Гоце Делчев. Според некои сведоштва кога му соопштиле дека се сардисани Гоце рекол: „Ако бевме предадени од некој локален шпиун ќе се спасевме, но бидејќи сме предадени од Софија нема да се спасиме“. Ова како да е во врска со едно соопштение на некој Блаже Бидов кој раскажува за еден разговор, со некој во тоа време стар македонски деец кој живеел во Горна Џумаја и кој на времето имал значајно место во македонската револуционерна организација. Ете тој, во тоа време стар македонски деец, му раскажувал: „Во 1903 година одам еден ден во канцеларијата на тогашниот виден адвокат и врховист Ѕивгов, инаку мој вујко. Само по неколку минути влегуваат кај него неговите пријатели: Протогеров, Цончев, полк. Јанков и Софрони Стојанов. (Сите врховистички лидери) Уште со влегувањето во канцеларијата сите оклештени, обрнувајќи се кон Ѕивгов, му велат: -Најпосле се ослободивме од оној пес, го убија! (Тоа се однесуваше на македонскиот апостол Гоце Делчев). Останав во недоумение. Бев млад ентузијазиран револуционер. Не одговорив ништо, плукнав и си излегов. Се прашував сам: Кому му служат овие луѓе? Само во едно бев сигурен, а тоа и сега го мислам: -Не на Македонија“.

Ако во одредени случаи и постоjат дилеми по прашањето за интересот на народниот пеач кон некои личности, кога станува збор за Гоце Делчев и неговата застапеност во народните песни и во фолклорот воопшто, дилеми не постоjат. Гоце е централната фигура во македонската револуционерна поезиjа зашто бил и наjпопуларна личност во македонското револуционерно движење во еден не само бурен туку и судбински период. Гоце бил заштитник на народните маси и секогаш се наоѓал меѓу народот. Тоj бил идеолог и главен организатор на востанието и жесток борец против секакви надворешни мешања со jасна мисла што има значење и на програмско начело дека: „Ослободувањето на Македоинjа лежи во внатрешно востание“. Инстиктивно претчувствуваjќи го исходот од избрзаното востание тоj неуморно jа крстосувал цела Македониjа пропагираjќи негово одложување. И согорел во тоj зафат.

Гоце Делчев се поjави и деjствуваше на македонската револуционерна сцена во едно исклучително време, во време на засилен терор од страна на поробувачот како и на раздвиженост на народните маси напоени со слободарски стремежи, во едно време на активно деjствување на Македонската револуционерна организациjа и на засилени подготовки за конечна пресметка со поробувачот, за ослободување од петвековниот османлиски jарем. Во тие години, во втората половина на деветнаесетиот век теророт е неиздржлив. Поробувачот се поведува од расудувањето дека со насилство ќе ги убие слободарските копнежи каj народот:

Старо и младо под сабjа,

невести млади робинки,

беќари млади сеjмени,

девоjки млади кад’ни…”

Затоа народот бара jунак што ќе го направи историскиот подвиг, што ќе го откопа буздоганот и ќе jа измие сабjата на Кралот Марко за да ги наплати многувековните долгови. А Гоце е единствениот таков jунак што може да го направи тоj историски подвиг, зашто тоj секогаш и секаде го даваше ветувањето: “Jас ќе запустам султанот,/ jас ќе ослободам нашиот народ”. И народот секогаш и безрезервно веруваше дека Гоце ќе го исполни ветувањето.

Секаде каде што престојувал Гоце, било како учител или како водач на чета, или во некое друго својство, го повикувал народот да се разбуди од тешките соништа што траеле со векови. И успевал во тоа. Успевал, зашто како што вели народот имал ѕвезда, бил човек со ѕвезда, или речено со денешен речник човек со харизма. Секаде каде што ќе се појавел ги освојувал симпатиите на народот. Имаме сведоштво за еден негов престој во егејскиот дел на Македонија. Неговиот современик Христо Силјанов пишува дека многу народ се собрал во црквата каде што била закажана средбата. Луѓето со нетрпение и со напрегнато молчење чекале да проговори човекот за кого слушале легенди.

„Таа вечер во Гугово имавме селско собрание во црквата. Двата големи свеќници и кандилото пред распетието горат. Гоце застанал пред владичкиот трон. Ние сме се наредиле под него, свртени со лицето кон насобраниот народ. Загледани во таинствениот човек, за кого слушале легенди, тие со напрегнато молчење чекаат тоj да отвори уста. И со првиот збор “Браќа!” коj што тоj го изговараше со освојувачка, само нему своjствена насмевка, само со тоj збор тие се веќе заробени од неговата чар. Гласот на проповедникот удира во црковните ѕидови и се враќа право во срцата. Тоа ехо го чувствувам во срцето и jас за кого не се однесува проповедта. Тоа се изразува по лицата на селаните кои изгледаат како озарени од божjо откровение. Настапува наjсвечениот момент. Некогашниот арамиjа дедо Андре зема во рацете икона. Марко ги вкрстува пушката и ножот. Неподвижен и концентриран, тоj во тоj миг е вдахновен жрец – некаков нов Крстител, доjден да ги запознае луѓето со таjните на наjвистинската, наjвозвишената вера. Откако jа кажуваат клетвата покрстените пристапуваат еден по еден и ги целуваат прво иконата, потоа пушката и ножот.“ Тоа го пишува сведокот на овој настан. Ете тоа бил Гоце, ете затоа за него се пее повеќе од еден век. И уште долго ќе се пее, додека има негови потомци.

Поради повеќе свои особини, пред се со својата искреност и добродушност, Гоце Делчев бил омилен кај народот. Тој народ него го обожавал, го сметал за божество. Како што пишувал весникот „Отечествен фронт“ од 5 мај 1958 година по повод 55 годишнината од неговата смрт: „Уште додека беше жив, името на Гоце Делчев се беше претворило во легенда. За него народот создаде и испеа свои најубави песни коишто и денеска се пеат со восхит и со чувство на гордост. Турските власти гледаа во него најголем непријател на султанот и го нарекуваа „крилатиот ѓавол“.

Генерацијата на Гоце го издигна до највисок степен македонското име, како олтар пред кој се положува животот. „Да се пресретне и да се победи смртта“, им велел Гоце на своите соборци. И самиот тој, ја пресретна и ја победи смртта на 4 мај 1903 година во селото Баница. Ја победи зашто остана вечно да живее во спомените, во преданијата и песните на својот народ.

Ако за браќата Миладиновци беше речено дека го забрзаа времето, за генерацијата на Гоце може да се рече дека ја создаваше новата историја на Македонија. Таа генерација ги стави темелите на нашата револуционерна борба што го изведе славното Илинденско востание од 1903-тата, што продолжи со АСНОМ-скиот подвиг од 1944-тата, и што доведе до 8-ми септември 1991-та година.

Гоце Делчев од едни бил наречен срцето на револуционерна Македонија, од други борбен апостол или апостол на слободата на Макдедонија, од трети мотор на организацијата, војвода над војводите, некои за него зборувале како за божество. Гоце често зборувал дека е дојдено времето народот да се разбуди од петвековниот сон. Еден негов ученик од штипско Ново Село подоцна сеќавајќи се на 1894 година кога Гоце бил учител во ова село, вели дека Гоце за Бадник ги построил учениците во две редици им дал ѕвонци и клопотарци, а тој го зел школскиот ѕвонец и тргнал по куќите како што бил обичајот. Родителите се радувале, ги дарувале коледарите со костени, ореви, колачиња и друго. Учителот Гоце одел напред пред учениците, тропал со школскиот ѕвонец на секоја врата и викал: „Станувајте браќа, родители, сестри и селани, разбудете се од овие тешки соништа, денеска е Божик – коледе“.

Имаме повеќе сведоштва од негови современици за односот на Гоце кон народната песна и воопшто кон народното творештво. Тоа покажува колку тој бил свесен за значењето на народното творештво и за неговото место во животот на човекот, за силата на тоа творештво, а потоа за можноста тоа да биде оружје за подигнувањето на борбеното расположение кај народот.

Според едно сведоштво од времето на Гоцевото учителствување во Штип тој пред да почне да предава „имал обичај да ги истрие рацете како да му е студено, а потоа им барал да раскажуваат по некоја приказна за Крали Марко, за нивните дедовци, какви јунаци биле и како се бореле, а на крајот им викал дека и тие треба да бидат такви јунаци. Со ваквата работа во училиштето и со ваквиот однос, новиот учител се запознавал и со родителите на децата, воспоставил поблиски односи со нив, а тие изненадени од приемот на учителот, почначле почесто да го посетуваат.“ Така Гоце вопоставувал врска со луѓето, а потоа ги воведувал во тајната на револуционерноро дело.

Останало запишано дека некои песни Гоце посебно ги сакал и често ги пеел. Кон песната „Сирма војвода“ запишувачот Јосиф Чешмеџиев го забележал податокот дека Гоце Делчев оваа песна ја пеел неколку дена пред да биде убиен.

Во еден запис на П. Чернопеев, објавен во „Илустрација Илинден“ кога Гоце со своите соборци бил на планината Али Ботуш, пред пештерата во која ноќевале се создало весело расположение во кое се играле ора и се пееле песни. „И ете тука, на широката полјана пред пештерата, сред дивата природа на Али Ботуш, поминавме неколку дни на одмор, на безгрижност и веселби, коишто толку освежувачки подејствуваа врз суровиот ајдучки живот. На една страна гледаш Спиро запеал некоја песна и повел оро, на друга Кара-Васил, Гоцев сограѓанин, запеал некое турско мане. По едно време самиот Делчев стана и го поведе орото под тактот на Спировата песна:

Надеваш ли се султане,

пролет комити да дојдат…

Изнарипаа и други војводи и се фатија на орото.

Да! И ајдучкиот живот си има своја романтичност.“

Овие стихови всушност се дел од припев (рефрен) од песна за која и Панчо Михајлов наведува дека била „Љубима песна на Гоце Делчев“. Еве ја содржината на песната според записот на П. Михајлов:

Ајде мори кукни, кукни,

сињо пиле кукувице, мори,

кукни дано кукнеш!

Надеваш ли се султане,

пролет комити да дојдат,

агите да ти исколат,

анами да ти заробат.

Ајде, море, ја да дојдам,

сињо пиле кукувице, мори,

таја рана пролет!

Ајде море да си зберам,

сињо пиле кукувице, мори,

се отбор јунаци.

Ајде море да си слегнам,

сињо пиле кукувице мори,

у Солунско поле.“

Оваа песна и Јосиф Чешмеџиев ја забележал (без припевот: Надеваш ли се султане…) заедно со податокот дека е „Љубима песна на Гоце Делчев.“ Чешмеџиев забележал дека песната е „пеана од Д. Нетков, штипјанин“, а Панчо Михајлов не дава податоци за информаторите на песните, како што вели авторот на предговорот проф. М. Арнаудов, за да не бидат прогонувани од тогашниот окупаторски режим.

И за други песни има податоци дека Гоце ги пеел во моментите на посебно расположение.

Еден Гоцев современик кој во делото бил покрстен токму од Гоцета сведочи дека во една прилика, една вечер кога бил мошне расположен Гоце откако „завршил со инструкциите и проверката на работата, прво полека, а потоа се посилно потфана да ја пее својата омилена песна:

Димо бре Димо чобанине,

фанале са го јуруци,

врзале са му рацете,

и му подале кавалот…

Во песните за Гоце Делчев се среќаваат повеќе мотиви што претставуваат континуитет со претходните јуначки или ајдутски песни, има мотиви што се карактеристични за револуционерниот циклус, (девојката везе знаме за војводата, излегувањето комита, војводата си ја бара својата дружина, ранет јунак и сл.), но има поголем број песни што се поврзани со настани од животот на Гоце, како што е аферата со струмичкото бекче, маскирањето на Гоце и шетањето низ градовите и селата низ Македонија, загинувањето на Гоце и сл.

Мотивот „три синџири робје“ познат од јуначките песни за легендарниот Марко Крале го среќаваме и во револуционерните песни за Гоце Делчев. Гоце Делчев еднаш ослободува три синџири робје од момчиња, девојки и невести, друг пат девет синџири „робје големо“ од млади горски кумити, и калеш невести со машки деца на раце. Мотивот девојката везе знаме со написот „Слобода или смрт“ познат и од постарите песни исто така го среќаваме и во песните за Гоце. На прашањето од мајката за кого везе „златена марама“ девојката одговара дека не везе марама туку знаме за Гоце Делчев:

-Леле мајко, леле стара мајко,

не си везам свилена марама,

тук’ си везам македонско знаме

да го носи млад Делче војвода,

да го носи верна му дружина,

за слобода за Македонија.

Во повеќе песни е опеана аферата со фаќањето на струмичкото бекче, со цел да се изнудат материјални средства за Организацијата. Тука поетската вистина отстапува од историската вистина, и овие песни се пример како народниот поет го опевал она што го посакувал, а не она што навистина се случило. Имено во песните се пее за грабањето на струмичкото бекче што е историска вистина, но тоа не било убиено како што се пее во песните туку во погоден момент поради некои околности побегнало. Во една песна Гоце им зборува на дружината:

Добар метериз фаќајте,

бегчето да го фанеме,

голем откуп да земеме,

комитска каса да пуниме.

Во друга песна се пее дека од бекчето навистина бил земен откуп.

„Ја сопри Делче дружина,

и нејна сила гулема,

со шиник ж’ти ке бројам,

салте ми глава остајте!“

Фанале младото бегче,

со шиник ж’ти бројало,

така е живот спасило.

Во некои песни пак се нагласува дека бекчето било убиено.

Сички позиции земале,

и си потера разбиле,

бекчето живо фатиле,

и му главата земале.

Меѓутоа современиците и учесници во овој настан сведочат дека бекчето не било убиено, туку успеало да им побегне. Имено во спомените на Андон Ќосето се вели дека планот бил да се фати Назлам-бег кој имал чифлик во с. Босилево и да се изнуди откуп од 5000 лири. Комитите облечени во дунѓерски алишта го чекале на патот меѓу Струмица и селото Василево. Тука по куса борба го совладале и го одвеле во планината. Гоце и уште еден од милиционерите биле во колибата во Митрашинската планина, а другите биле стражари или на други должности. Гоце кој како што е познато често страдал од болки во стомакот и таа ноќ почнал да се витка де на едната де на другата страна. Потоа заспал. Бекчето го замолило милиционерот кој бил до него да набаре дрва и да го запали оганот зашто му студело. Кога тој заминал бекчето се доближило до Гоцета му ја извлекло камата го пресекло јажето со кое му биле врзани рацете, ги зело и револверот на стражарот кој бил појден по дрва и револверот од Гоцета и откако пукало и го ранило стражарот пред колибата побегнало кон селото Нивичани, кое исто така било негов чифлик. Бекчето веднаш заминало за Солун, а Гоце и Ќосето исто така отпатувале за Солун, каде што се криеле неколку дена. При едно минување пред кафеаната „Коломбо“ токму кога Гоце бил пред влезот на кафеаната се отворила вратата и излегло бекчето. Се исплашило, но Гоце го смирил зборувајќи му на турски: „Браво кога успеа да ни избегаш. Туку да не мислиш дека не би можеле пак да те фатиме. Сега ти го подарувам животот. Ти не познаваш и знаеш дека сме во Солун. Само ако и јавиш на полицијата за нас, ќе има да платиш.“ Бекчето одговорило смутено: „Капетан ефенди, ако излезе збор од мене, прави со мене што сакаш. Сега не задирај ме.“ Другата вечер разбрале дека Назлам-бег полудел. Тоа го пишуваат и други Гоцеви современици.

Чест мотив во револуционерните песни, што се среќава и во постарите песни, а е поврзан и со ликот на Гоце Делчев е мотивот за ранетиот јунак и птицата орлица или гавран, која што стои на дрвото и чека јунакот да умре.

-Умри ми умри, Делчев војвода,

да се најадам јуначко месо,

да се напијам од очи вода!

-Махни се, махни сиво орленце,

дан си ја земам танкава пушка,

дан те застрељам тебе до мене!

Ти да си појдиш Горна Дебарца,

тамо се бивме ние комити,

ем таму имат секакво месо,

старо и младо, ем и јуначко.

Во оваа песна забележана во селото Мислешево, Струшко, не случајно Гоце сивото орленце го праќа во Горна Дебарца кажувајќи му дека таму има многу јуначко месо. Дебарца е револуционерен крај во кој се водени многу битки, таму загинале многу борци за слобода и на народниот пејач не му било тешко, ни необично ранетиот Гоце да го поврзе со овој револуционерен регион.

Во една од наjубавите македонски револуционерни народни песни “Црна се чума зададе” е опеана смртта на Гоце, онаа трагична вест што го потресе македонскиот народ. Гоце излегува на мегдан со црната чума зашто е единствениот што може да и се спротивстави и да jа пропади “од жална Македониjа“. Смртно ранет, во последното обраќање кон дружината, тоj прецизно и трогателно ќе jа дефинира своjата судбина како женидба за татковината:

Млад Делче ми се посврши,

за девојка Македонка,

за црната ропска земја .“

Голем е броjот на песните што за мотив jа имаат смртта на Гоце. Таа загуба народот jа почувствувал и како лична и како национална трагедиjа. Затоа од тие песни блика жалба, неизмерна болка по ненадоместливата загуба. Тие всушност се искрено оплакување на jунакот од страна на народот.

Кога се зборува за македонската народна песна за Гоце Делчев треба да се каже и тоа дека народната песна од тоа време опева еден возвишен однос кон името на татковината. Во песните се пее: „Славно загина за Македонија.“ Во некои песни загинувањето е опеано како женидба за Македонија: „Син ти се, бабо, ожени/ за мома за Македонија.“ Очигледно, прифаќајќи го и афирмирајќи го македонското име нашиот народ се идентификувал со него, го чувствувал како дел од себе си, изградил еден религиозен однос кон него, вградувајќи ги во него и своето минато и својата иднина. Сето тоа зборува за една јасно дефинирана цел на борбата, ослободување на Македонија од петвековното ропство по пат на оружена борба и создавање на држава на македонскиот народ.

Во тие тешки времиња токму песната најповеќе го афирмирала македонското име. Тогаш името Македонија се јавува како рефрен во песните. „Црвено знаме ветреет, Македонијо…“ или во друга песна: „Црвен се бајрак развева,/ во тоа село Брезово, Македонијо,/ тамо е Јордан сардисан, / со неговата дружина, Македонијо.“ Тогаш кон името на татковината e изграден однос, што се вели култ. За тоа име се живее, ама за него и се умира: „Јас умирам за Македонија,“ се пее во песните, или во други песни загинувањето на јунакот се опева како свршувачка или женидба за Македонија: „Неговата мајка црно завиена, /свадба ќе прави, сина ќе жени, /сина ќе жени за Македонија.“

Гоце Делчев уште за време на својот живот се стекна со голема популарност и меѓу своите соборци и меѓу населението. Уште додека беше жив за него се раскажуваа легенди. Особено по неговото загинување неговото име стана симбол на борбата за слобода на македонскиот народ. Не е случајно што секогаш кога се пишуваше за ослободителната борба на македонскиот народ се споменуваше името на Гоцета. Во периодот меѓу двете светски војни кога се објавуваа прогласи и кога македонскиот народ се повикуваше на единство, пак Гоцевото име беше на прво место како пример што треба да се следи. Во текот на Втората светска војна Гоцевото име беше ставано на борбени формации, (одреди, баталјони и сл.) по војната пак на државни инстуции итн.

Така на пр. во Апелот на македонските народни студенти во Бугарија да престанат политичките убиства од декември 1930 година се вели: „ Ќе ја оставиме ли Македонија да загине од Македонците за партиски и државни интереси на демократскиот зговор? Да се дигнеме сите како еден. Да си подадеме рака и со заеднички напори во сојуз со сите поробени народи и потиснати класи, со поткрепата на прогресивното општествено мислење што стои чесно на чистите идејни позиции на македонското ослободително движење, на кое стоеја Гоце и Даме, да зачекориме смело напред кон слободата.“

Коста Веселинов во статијата „Борци за национална слобода“ (Софија, 1940) уште на почетокот истакнува: „Секој народ во епохата на националното оформување и ослободување раѓа и такви херои што се јавуваат како најдобри и најценети претставници на народните борби и гледања. Така и македонскиот народ во епохата на националното оформување исфрли од својата средина еден таков национален херој – Гоце Делчев, кој целиот свој живот се бореше за слободата на независноста на Македонија и со својата крв ги цементира основите на македонската ослободителна борба.“

Во едно реагирање на Македонците од Ениџе-Вардар, од 3 јули 1935 година, по повод настапот на некој пратеник кого што тие не го признавале за свој, туку за одбран од страна на грчките власти, се истакнува не само македонското национално чувство туку и континуитетот на ослободителната борба со Гоцевата генерација. „Пред неколку дена дојде овде „пратеникот“ А. Пејос, божем за да им разделат нивјето од езерото на оние без земја и на сиромасите. Покрај другото рече дека не треба да им се дадат нивје на месните луѓе бидејќи се „Бугари“ и ги издржуваат комитаџиите, а грчката војска сретна тешкотии за да го ослободи Ениџе-Вардар. Ние му одговоривме на тој господин: Не те признаваме за наш пратеник. Назначен си од владата! Што се однесува до името Бугарин што ни го даваш, ти велиме дека ниту сме Грци, ниту Бугари, ниту Срби, Македонци сме, со свој јазик, своја култура, свои обичаи, своја историја.

Ние младите сме горди слушајќи ги нашите татковци како раскажуваат за Илинденското востание и за подвизите на Злате, Петков, Груев, Тошев, на Делчев. Тие беа Бугари, господин Пејо? Не, тие беа Македонци и се бореа за единствена Македонија. Сите Македонци од источна, централна и западна Македонија се обединуваат, господине Пејо, за да ти ја удрат клоцата тебе и на сите експлоататори Грци, Срби, Бугари.“

Секогаш кога требало да се повика народот на борба, кога требало да му се влее оптимизам да истрае во тешките времиња, кога требало да се воспостави континуитет во револуционерната борба, кога требало да се укаже на пример за храброст и преданост на револуционерното дело се укажувало на ликот на Гоцета како најсветол пример од нашата историја. Така на пример во летокот на покинскиот комитет на КПЈ за Македонија по повод убиството на Мирче Ацев и Страшо Пинџур објавен во првата половина на јануари 1943 година меѓу другото се истакнува: „Мирче и Страшо верно и искрено одеа по патот на македонските апостоли Гоцета и Дамета и со целиот жар и ентусијазам на своите млади и искрени души се бореа за слободата на македонскиот народ. (…) Они не се бореја да имајат злато или какви било други облаги, ами за слободата и срекјата на својот народ како што се бореше Гоце Делчев, оти од слобода и срекја нема поголемо злато и богатство во светот.“

И при именувањето на оружените формации создадени во текот на Втората светска војна во прв план било името на Гоце Делчев. Така на пр. како што може да се види од писмото на Окружниот комитет на Комунистичката партија за Леринско до Бирото на КПГ за Македонија, околу формирањето на македонските едииници, од октомври 1944 година во составот на ЕЛАС се борел и баталјон „Гоце“ за кој се вели дека е „баталјон на Корештата.“ Македонскиот баталјон „Гоце“ е формиран во с. Поздивиште (Костурско) на 2 август 1944 годфина. Не случајно овој баталјон го добил името „Гоце“. Не случајно и во вардарскиот дел на Македонија во овој период постои одред со името „Гоце Делчев“. Не случајно и некои истакнати организатори на антифашистичкиот отпор во Македонија го носеле името Гоце или Делче.

Не случајно и првата партизанска печатница во текот на народноослободителната борба во која што работел и Кочо Рацин и ја отпечатил својата збирка „Македонски народно-ослободителни песни I“ (1943) го носела името „Штампарница „Гоце Делчев“. Не случајно и по ослободувањето повеќе институции го носеле името на Гоце Делчев.

Кога станува збор за песните за Гоце Делчев треба да се каже дека тие му припаѓаат на еден богат циклус револуционерни народни песни од епохата на Илинден. Илинденското востание иако било крваво задушено, останало во споменот на народот како врв на херојството на македонскиот народ. Затоа за овој настан се испеани многу песни. Оттука може да се рече дека народната песна за Илинден 1903 „си останува највнушителниот сведок на овој крвав настан, најавтентичната негова хроника, најпотресен негов летопис.“

Македонската народна песна од повеќе причини заслужува посебно внимание. Таа е поетска хроника на едно херојско време, автентично сведоштво за народните страдања, но и за народните надежи за почовечен живот. Во таа смисла се и песните за Гоце Делчев. Ако веќе е констатирано дека Гоце уште за време на својот кус живот се стекнал со таква популарност меѓу народот што за него се создавале песни и се раскажувале легенди може да се рече дека тие народни активности продолжиле или се засилиле по наговото загинување. За него биле пеани нови песни, биле адаптирани односно пресоздавани некои постари песни, Гоце бил постојан предмет на интерес. Народот не можел да го заборави својот велик син. „Поробениот народ имал свој однос и свој критериум за оценка на револуционерите и водачите пред се при создавањето песни за нив. Многубројните песни од пораниот период ни покажуваат една изразена и неповторлива љубов и поклон пред светлата личност и подвигот на Гоце Делчев. По фаталниот 21 април (4 мај) 1903 година Гоце нема ни гроб, ни споменик каде што поробените ќе ја излејат својата почит. Истиот тој народ во своето срце си подигнува неракотворен споменик на својот непрежален херој низ една неспоредлива по достоинствата песна. „Црна се чума зададе“ е песна-откровение, реквием за паднатите, своеобразен фокус на народната судбина. Така е структурирана што исполнувана од дробри пеачи слушателите ги доведува до емоционален шок, предизвикан од мелодиската и текстуалната содржина.“.

„Во македонската револуционерна народна поезија на Гоце Делчев му припаѓа централното место, не само поради популарноста на неговиот лик, претставен во многубројни разновидни народни песни од сите краишта на Македонија, што издвоени во посебна група покажуваат и некои специфични тематски и други белези, туку и по начинот и карактерот на градбата на тој лик. И ни се чини дека Гоце Делчев во револуционерните песни го зазема истото место што Марко Крале веќе со векови го има во нашите јуначки песни, иако ваквата споредба, на прв поглед, изгледа неприфатлива.“

Во тој циклус револуционерни песни најзначајно место заземаат песните за Гоце Делчев. Навистина после Кралот Марко, Гоце е најопеана личност во македонската борбена поезија. За него народот создал стотици песни, многу повеќе отколку за другите исто така опеани војводи од овој период, Јордан Пиперката, Питу Гули, Јане Сандански, Даме Груев и многу други.

Но за Гоце и натаму се создаваат песни зашто неговиот дух уште живее меѓу македонскиот народ и уште инспирира. Со името на Гоце и натаму се опејува и македонското име зашто тие се неразделно поврзани. Наша обврска е кон името на Гоце и кон името на татковината Македонија да имаме посебен однос, зашто тие имиња ни се оставени во наследство од нашите предци. Од оние, кои со својата саможртва ја презираа и ја победија смртта, од оние кои на своето загинување гледаа како на женидба „за Македонија, за црна земја поробена“, како што се пее во песните. Тие оставија аманет до идните генерации да ги чуваат и афирмираат овие имиња. А одговорноста на денешните Македонци е иста како на тие генерации пред повеќе од сто години, зашто и денес во 21 век во културна, демократска, ама и бирократизирана Европа македонскиот народ мора да докажува кој е и колку му значи тоа име.

Затоа на Гоцета Делчев и на неговата генерација треба почесто да се сеќаваме за да не заборавиме кои сме.

(Преземено од „Спектар“ списание на Институт за македонска литература, Скопје, 79/2022. По повод 150 години од неговото раѓање, 1872-2022)