Го кодошеа оние што глумеа патриоти: На денешен ден е роден големиот македонски актер и патриот Ристо Шишков!

март 23, 2023

На денешен ден пред 83 години во селото Мрсна – Серско, Егејска Македонија е роден истакнатиот македонски филмски и театарски актер – Ристо Шишков. Тој е познат по многуте одлично одиграни улоги, но и по голготата која му се случила во време на комунизмот кога бил кодошен од свои колеги затоа што бил македонски патриот.

На само двегодинишна возраст ја доживува трагичната судбина на децата бегалци од Егејска Македонија, па по неколку преселби на 5 години со семејството се преселил во Струмица каде живеел и се школувал. Потоа се запишал на глума на Театарската академија во Белград, каде дипломирал во 1962 година.

Од 1 октомври 1964 година и официјално станал член на Драмата на Македонскиот народен театар. Шишков играл во над 50 театарски претстави, снимил многу филмови, телевизиски драми, телевизиски серии и повеќе радиодрами. Познат е по улогите во филмовите „Македонска крвава свадба“ – главна улога, „Црно семе“ – главна улога, „Истрел“ – главна улога, „Јад“ – споредна улога, „Најдолгиот пат“ – главна улога, „Нели ти реков“ – главна улога и многу други.

По речиси две деценискиот успех како на филмското платно, така и во театарот, во 1979 година тој бил накодошен од свои колеги дека ги навредил ликот и делото на Јосип Броз Тито. За грев му се зело и тоа што во една прилика го бранел македонството пред глумци од други југословенски републики кои гледале со потценување. Бил осуден како македонски националист, сепаратист и хегемонист, по што на 15 август 1980 година бил затворен.

Шишков ги издржал неправдите што му ги нанеле кодошите, пресудата од комунистичкиот режим и затворскиот живот во Идризово, но бил немоќен пред болеста: на 17 јули 1986 година во Скопје починал кога имал само 46 години.

Добитник е на многу награди и признанија како за филмски така и за театарски улоги, а во негова чест по осамостојувањето на Република Македонија, поточно од 1992 година во Струмица се одржува Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ