(ФОТО) Возел 246 километри на час, МВР го улови со радар

април 18, 2023

Од санкционираните 244 возачи, 13 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина, информираат од МВР

Во полициска контрола, во текот на вчерашниот ден, бил фатен возач кој со автомобилот возел 246 километри на час. Од фотографиите, што утринава ги споделија од Министерството за внатрешни работи, се гледа дека освен овој возач, во радарска контрола, со голема брзина биле фатени и други двајца возачи од кои едниот возел 222, а другиот 216 километри на час.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека освен овие возачи, во текот на вчерашниот ден, за брзо возење биле казнети 244 возачи.

„Во текот на вчерашниот ден Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 244 возачи. Од нив 13 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 99 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 145 надвор од населено место“, се вели во соопштението од МВР.

Оттаму нагласуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ