Формиран нов управен одбор и се формираше клубот на ФК Тиверија Ветерани.
Фудбалскиот клуб Тиверија од Струмица минатата година прослави 100 години од формирањето, а по тој повод беше издадена монографијата 100 години Тиверија – еден век фудбалска историја.
Издавањето на монографијата на ФК Тиверија како да поттикна голем број поранешни фудбалери и спортски работници да изразат желба да му помогнат на својот клуб. Извесен период се водеа интензивни разговори во управата на клубот да се вклучат неколку поранешни фудбалери на Тиверија. На крајот успеавме во тоа.
Од денес ФК Тиверија е со нов, поголем управен одбор кој ќе има за цел да ги подобри условите за работа за нормално и непречено функционирање на клубот кој настапува во третата лига – исток.
Наредниот период управниот одбор ќе формира претседателство кое ќе раководи со клубот.
Покрај поддршката што ја имаме од Општина Струмица се надеваме дека во иднина ќе се вклучат и локалните стопанственици во поддршката на клубот кој опстојува непрекинато повеќе од 100 години, клуб кој е симбол на Струмица и клуб во кој настапувале илјадници Струмичани.
Воедно ја информираме струмичката спортска јавност дека во склоп на клубот денес се формираше и клубот на ветерани под име ФК ТИВЕРИЈА ВЕТЕРАНИ кој е прв фудбалски клуб на ветерани во општина Струмица.
За другите се навива, Тиверија се сака !!!
Фото: Членовите на управниот одбор на ФК Тиверија.