Ако за време на немири во Унијата социјални мрежи не ги испочитуваат барањата од властите за бришење на за нив спорни содржини, тогаш истите овие власти ќе можат целосно да ги изгасат социјалните мрежи.
Комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, коментирајќи ја одлуката на Макрон да изгаси дел од социјалните мрежи за време на немирите во Франција, објасни:
„Кога има содржини што шират омраза, содржини што повикуваат, на пример, на револт, што повикуваат на убивање и палење возила, тие се должни веднаш да ги избришат овие содржини.“
Бретон тука го цитира Законот за дигитални сервиси на ЕУ кој треба да почне да важи во Унијата од 25 август.
„Ако не го направат тоа, тие веднаш ќе бидат санкционирани. Ние имаме тимови кои можат веднаш да интервенираат. Ако тие не делуваат веднаш, тогаш да, во тој момент не само што ќе можеме да ги казниме парично туку и целосно да го забраниме функционирањето на платформата на наша територија,“ изјавил Бретон.
Комесарот изјавил и дека ЕУ ќе спроведе „стрес тест“ на Тикток во претстојните недели за да види колку платформата е подготвена за спроведување на новите правила. Твитер веќе го има минато тестот, а Мета се согласила да прави тест во текот на месецот.
Изминативе години кога која било влада што беше пред паѓање или барем сериозно загрозена од протести (од Кина и Иран, до Турција, Египет…) гасеше интернет и социјални мрежи, ЕУ стандардно беше фрапирана од таквото прекршување на човекови права, осудувајќи го како диктатура, цензура и слично.