strumica denes logo

Др. Ластомир Смилев, дипломиран рударски инженер: Македонското рударство од почитувана, профитабилна и значајна стопанска гранка до повици за забрана за отворање нови рудници

Автор:

Датум:

ноември 28, 2023

Автор:

Датум:

ноември 28, 2023

Рударството во Македонија има многувековна традиција, почнувајќи од Римскиот период па сѐ до денес. Токму оваа традиција треба да продолжиме да ја негуваме и во иднина. Современото рударство започнува во 20. век и со постојано надградување денес е високо-технолошко развиена стопанска гранка во која се применуваат сите меѓународни стандарди и практики.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ

ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Историски гледано, првите релевантни податоци од извршени рударско-геолошки истражувања датираат од 1927-1939 година и се реализирани на локациите Плавица и сегашниот рудник за олово и цинк Злетово – Пробиштип. Врз база на тие резултати во 1940 година, рудникот Злетово бил пуштен во експлоатација. По завршувањето на Втората светска војна, рудникот бил повторно реактивиран и пуштен во редовна експлоатација. Рудникот Злетово е првиот современ рудник и претставувал синоним за рударството во Источна Македонија.

Севкупниот развој на Пробиштип е поврзан со рудникот Злетово, а тоа го почувствувале граѓаните на овој град преку голема вработеност, висок стандард на вработените, интензивна станбена изградба на градот, изградба на објекти за спорт и рекреација, образование, здравство и др. Јас потекнувам од околината на Пробиштип и како сите граѓани имав можност да ги почувствувам сите овие придобивки од работењето на рудникот Злетово. Тоа ме мотивираше уште на млада возраст да се определам дека моето школување ќе го насочам во областа на рударството и геологијата. По завршувањето на средното рударско училиште го завршив и Рударско-геолошкиот факултет во Белград (во јануари 1977). Имав среќа периодот на моето дипломирање да се совпадне со интензивниот развој и отворањето на некоку нови рудници во Македонија како што се рудникот за никел Ржаново, рудникот за бакар Бучим, рудникот за јаглен Суводол и рудникот за олово и цинк Тораница.

На почетокот на мојата богата кариера во рударството бев вклучен при отварањето и раководењето на рудникот Ржаново, кој важеше за еден од најсовремените рудници во тогашна СФРЈ и кој беше во склоп на комбинатот ФЕНИ Кавадарци. Таа успешна работа ми овозможи, како директор на техничките тимови да бидам директно ангажиран во извршувањето рударски работи во повеќе рудници: Суводол, Осломеј, Какањ (БиХ), Тораница, ЖировскиВрх (Словенија), Бучим. Дополнително, учевствував и во изградбата на хидро-технички и патни тунели во БиХ, патишта во Македонија, изградба на браната Злетовица итн.. При изведбата на сите овие ангажмани се водеше сериозна грижа за безбедноста на вработените, сигурноста на технолошката опрема и заштита на животната средина. Накратко, во рударството бев повеќе од 40 години стекнувајќи огромно искуство и признание од целата рударска фела. Моето професионално практично искуство го збогатив и со докторска дисертација поврзана со рударството.

Оваа моја успешна приказна сега од оваа перспектива може и заличува на една носталгична мисла, спомнувајќи го успешното време на рударството поддржано од тогашните инстуциитекако почитувана гранка која воедно беше и столбот на изградбата на една успешна држава во која сите ние живеевме.

За жал, проблемите на рударството започнаа веднаш со осамостојувањето на Р. Македонија. Во такви услови на пазарна економија, целото стопанство вклучувајќи го и рударството се најде во тешка состојба. Се случија многу стечаи, принудни управи и други мерки, за на крај да дојде и фазата на приватизација. После 30 години, дел од тогашните рудници денес не се во употреба. Меѓутоа, има и успешни приказни како што се рудникот Бучим, рудникот Саса, рудниците Злетово и Тораница, каде што странскиот капитал и нивните управи успеаја да ги одржат и да инвестираат во континуитет во нив. Сепак, евидентно е дека во последните години отсуствува сериозна институционална посветеност. Токму таа посветеност беше пресудна во тогашната СФРЈ да се развие овој цел сектор кој и денес претставува значаен фактор во македонската економија. Напротив, во последните години сме сведоци дека неаргументирано се напаѓа целата индустрија и под таков јавен притисок се носат законски решенија кои го лимитираат развојот на рударството.

Како разумен човек можам и да ги разберам стравовите на нашето општество, меѓутоа како професионалец и научник сметам дека сите тие стравови се неоправдани. Верувам дека тоа може да го потвдат и другите професионалци и научници кои на било каков начин се вклучени во оваа индустрија. Според мене, главното прашање во јавноста не треба да биде „забрана“ на развојот на овој сектор, туку треба да се води дебата како да се развијат подобри механизми за заштита на животната средина и како да се принудат новите рудници да ги применуваат сите прифатени меѓународни практики и стандарди кои гарантираат заштита на животната средина.

Меѓутоа во едно сум сигурен. Повикувајќи се на моето искуство каков бил животот во Пробиштип, благодарејќи на рудникот Злетово, можам да предвидам дека развојот и отворањето на идните рудници во Иловица-Штука, Плавица-Златица, Казандол, во општина Кратово и општина Пробиштип, ќе предизвикаат ист но и поголем економски благодет во регионите каде што ќе се развиваат како што тоа беше случајот со Пробиштип. Сите овие рудници, може да ја развијат источна Македонија, да отворат многу можности за работа на младите и само на тој начин може да се спречи миграцијата за која сме секојдневно сведоци.

Наспроти тоа, наративот против идните рудници продолжува за жал. Така, во последно време, поинтензивно се дебатира за проектот Иловица-Штука. При тоа, во јавноста се изнесуваат најразлични шпекулации и нејасни тврдења од потенцијалните ефекти од проектот. Верувам дека локалните жители се загрижени поради тоа, но моето долгогодишно искуство во рударството ми го говори сосема спротивното. Со строго почитување на домашната и меѓународната регулатива, и примена на меѓународни стандарди и практики, може да се постигне максимална заштита на животната средина. Во тоа сум цврсто убеден, а дополнително уверување може да се добие и доколку се види и листата на инвеститори кои се вклучени во овој проект, како што е Европската банка за обнова и развој. За да се докаже тоа треба да се даде можност проектот да се развива во таа насока.

Покрај оваа дебата за ефектите од проектот Иловица-Штука, отсуствува дебатата за економските и другите придобивки од неговиот развој. Компанијата што го развива проектот за жал е осамена во оваа дискусија потенцирајќи раст од над 4% на БДП, сериозен број на нови вработувања, извоз од на 200 милиони евра, итн. Тука би додал дека со дополнителна експлоатација на бакар, кој е дефиниран како критичен минерал, нашата држава би имала уште позначајна улога во нејзиниот пат кон ЕУ, со оглед на последните одлуки на ЕУ за неопходноста од обезбедување на критичните минерали за потребната транзиција во зелена економија.

Сепак и покрај овој турбулентен период, сѐ уште имам верување дека ќе преовлада разумот и дека професионално ќе се говори за рударството. Така сите заедно ќе можеме да придонесеме повторно да го издигнеме рударството во почитувана стопанска гранка со која сите ние ќе се гордееме, како што беше случај во СФРЈ, во мојата младост и во почетоците на мојата професионална кариера.

Др. Ластомир Смилев, дипломиран рударски инженер